Search
Search

ВИДЕО: Девет македонски граѓани од Израел синоќа слетаа во Тирана заедно со албански и косовски државјани

Синоќа пред 21 часот на аеродромот Ринас во Тирана пристигна првиот авион на албанската влада со државјани од оваа земја и од регионот кои побарале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба.

Авионот „Ер Албанија“ со 40 патници, меѓу кои и државјани од земјите од регионот како Косово, Северна Македонија, потпомогнат од Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, Министерството за инфраструктура и енергетика и Албанската амбасада во Израел, синоќа слета на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“.

Патниците беа примени и поздравени од албанскиот министер Игли Хасани. Албанскиот авион пристигна во Израел околу 18:10 часот по локално време и веднаш тргна замина за Тирана.

Според македонското МНР со овој авион на албанската влада беа испратени и деветте македонски туристи кои доаѓаат од Велес.

-Претходно, седум македонски државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде беа прифатени од нашата почесна конзулка; сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Утрово, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома, соопшти македонското МНР кое прави напори и за враќање на 11 градежни работници кои се затечени во Рамала (Западен Брег).

Телефоните во македонската амбасада во Тел Авив се отворени за сите македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на Израел. Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани, кои МНР очекува да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите.

Албанската влада најави дека во наредните денови ќе има уште специјални летови за Тел Авив, додека албанското МНР се координира со ресорните министерства од земјите од регионот да им помогнат на сите граѓани кои сакаат да се вратат во своите земји.

АКТУЕЛНО