Search
Search

Сопственикот на земјиштетот во Орман не знаел дека таму се депонира опасен отпад, тврди градоначалникот Стојковски

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска во изјава за медиумите во врска со отпадот пронајден во село Орман, истакна дека е отворена инспекциска постапка и дека инспектори од Државниот инспекторат за животна средина и од Општината се на терен за лабораториско утврдување на точниот состав на отпадот.

“Отворен е предмет како инспекциска постапка, информиран е Државниот инспекторат за заштита на животната средина и дадено на понатамошно постапување. Од страна на наш овластен претставник од Општина Ѓорче Петров даден е рок од 30 дена, согласно законот, да се дислоцира отпадот којшто е пронајден таму“, изјави Стојкоски.

Тој информираше дека отпадот е затекнат но и дека на територија на Ѓорче Петров не постои фирма со „А“ интегрирана дозвола што преработува ваков тип на отпад.

„Повикан е сопственикот на земјиштето, тој не бил свесен дека на неговата локација се депонира ваков тип на отпад. Останува на институциите да преземат соодветни мерки за да го откријат и истиот тој отпад да биде дислоциран од таа локација“, посочи тој.

Додаде дека Државниот инспекторат е надлежен да ја следи дозволата којашто издава на компаниите што работат со ваков тип на отпад, додека истата дозвола рече дека ја дава Министерството за животна средина.

При редовна обиколка на територијата на Општина Ѓорче Петров од oвластен инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров лоцирано е одлагање згура од преработка на акумулаторски батерии во близина на село Орман, во количина од проценети околу 500 до 600 тони.

Како што беше објавено на фејсбук страната на Државниот инспекторат за животна средина отпадот бил лоциран минатата недела.

Не знам што е ова што ни се случува, напиша во својата објава на Фејсубк универзитетскиот професор од Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев, откако завчера Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека лоцирано е место каде што е одлаган материјал од преработка на акумулаторски батерии во близина на село Орман.

„Попладнево некои медиуми лиферуваа вест дека во околината на населбата Ѓорче Петров инспекторите од Инспекторатот за животна средина откриле дека на несоодветен начин е депониран отпад со шифра 10 04 кој според листата на видови на отпади објавена во Законот за управување со отпадот спаѓа во групата на опасен отпад“, напиша Чибишиев.

АКТУЕЛНО