Search
Search

Герасимовски: Се фокусиравме на реалните потреби на жителите, на децата и пензионерите

Инвестиции во современо и инклузивно образование, нови паркинг места, енергетска ефикасност, инфраструктура, развој на културата и спортот, посветена работа на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа, нејзиниот развој и поставување нови стандарди и иновативни проекти за поквалитетен живот е дел од она што во својот отчет за сработеното во изминатите години денеска го посочи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тој потсети дека годинава е основано трговското друштво „Енергија Центар“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.

Со овој проект Општина Центар ги носи иновациите и ќе биде првата енергетски независна и самоодржлива општина во државата. Првиoт фотоволтаичен систем е веќе поставен на кровната површина на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка и истиот треба да ги задоволи капацитетите за снабдување со електрична енергија и во зимскиот период. Преку основањето на „Енергија Центар“ ќе вложуваме и во нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе бидат од корист на сите граѓаните – рече Герасимовски.

Според него најважна е грижата за најмладите и затоа во изминатиот период се инвестирало во нови енергетски-ефикасни фасади и реконструкција на кровните површини во градинките „13 Ноември“, објект „Јасмин“ и објект „Пинокио“, додека во објектот „Парк“ се реконструирани сите занимални.

По 65 години ги проширивме капацитетите на училиштето „Коле Неделковски“. Инвестираме во доградба на 4 нови училници за повеќе од 100 ученици. Вложуваме и во инклузивно образование, затоа по реконструкцијата „Коле Неделковски“ ќе има и лифт, пристапна рампа и тоалет за учениците со потешкотии во движењето. Обезбедивме сензорни соби во училиштата „Киро Глигоров“, „11 Октомври“, „Песталоци“ и „Гоце Делчев“. Ангажиравме и 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Тие беа ангажирани и за време на летниот распуст за што во овие две години издвоивме 4 милиони и 800 илјади денари. Исто така, набавивме информатичка опрема за сите училишта во вредност од 4 милиони денари со што вложуваме во дигитализација, подобри услови и квалитетна настава за сите учениците. Општина Центар со сопствени средства во вредност од 2,5 милиони евра ја гради и најголемата, инклузивна и најмодерната градинка „Пролет“ со капацитет за 150 дечиња во 9 занимални – нагласи градоначалникот на Центар.

Меѓу реализираните проекти Герасимовски ги наведе реконструираните детските и спортски игралишта на повеќе локации низ општината, а според него, го исполнил и сето она што им го ветил на пензионерите.

За помалку од една година отворени се сите три пензионерски клубови кои беа нивно предизборно барање. Општина Центар исто така за пензионерите го спроведува и проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ со што обезбедува домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози за 90 корисници. Во соработка со „Банка за храна“ Општина Центар секој месец доделува пакети со храна и хигиенски производи за пензионерите со ниски примања. За нашите највозрасни сограѓани обезбедивме и бесплатни стоматолошки услуги“, истакна Герасимовски.

Во изминатите две години во општината биле реконструирани 17 улици, обезбедени резидентни паркинзи, поставена е нова урбана опрема и столпчиња за регулирање на сообраќајот, нова атмосферска, водоводната и фекалната канализација каде што било потребно, а како што рече, развивањето на вело мрежата беше потврдено со наградата „Највело општина за 2023“.

Меѓу останатото за кое зборуваше градоначалникот на Центар во својот отчет е и тоа дека општината била фокусирана на урбанизмот и нагласи дека градежните инспектори извршиле 269 вонредни инспекциски контроли, препишале 90 казни за правни лица и 208 казни на физички лица.

Герасимовски порача дека општината и понатаму ќе остане посветена на реализирање на ветувања за сите проекти кои носат бенефит за граѓаните, ја развиваат општината и го подобруваат животот во Центар.

АКТУЕЛНО