Search
Search

Гладни мечки стигнаа до Дебар

 

Луѓето во дебарско живеат во страв и гнев заради мечките и бараат помош. Ловџиите обвинуваат дека концесионерите на ловиштата не ги прихрануваат доволно дивите животни, а скопскиот концесионер „Канеш-Стогово-Скопје“ не поставил ниту една хранилка. За концесионерите, обвинувањата се неосновани, пишува Радио Слободна Европа

Мечките ќе почнат да се јадат сами меѓу себе. Ќе се појави канибализам кај нив бидејќи немаат храна. Гладни, бараат што да јадат, па се спуштаат блиску до луѓето.

Вакви драматични предупредувања испраќаат жители на селата околу Дебар, кои трпат штети и бараат чаре за мечките.

„Тие шетаат кога немаат храна. За жал, никој не води грижа за животните. Концесионерите си го гледаат нивниот интерес. Последните 7-8 години не сме виделе хранилица, нема пребројување за точна бројка на дивеч, нема контрола колку дивеч се тепа. Ова е земја на ловџиите, а ние во нашата куќа сме гости. Состојбата во Дебар ќе биде хаотична“, вели Роналд Војника, претседател на здружението на ловци „Стогово – 2“.

 

Ronald Vojnika
Ronald Vojnika

По Маврово и Жировница, и дебарскиот регион во западна Македонија го сардисаа мечки. Националниот парк „Маврово“ прави хајки за да ги држи подалеку од селата во мавровско – па мечките преминале накај дебарско, сведочат мештаните.

Тука, го јадат родот од нивите. Локалците велат – многу ги има. Живеат во страв и во гнев оти не можат да ги работат нивите, ниту да собираат костени во шумата.

Кој го брца рачето во медот во ловиштата околу Дебар?
 

Кафеавата мечка во Северна Македонија е забранета за лов уште од 1996 година. Институциите можат да дадат дозвола за лов на агресивни мечки. Таква дозвола досега не е издадена.

Луѓето во село Баниште ги заклучуваат вратите штом ќе се стемни. Три месеци се затворени дома, од јули, кога била видена првата мечка. Селото е прочуено по Дебарските бањи, тука доаѓаат и туристи.

Агон Перчи
Агон Перчи

„ Беше околу 16-16.30 часот, дојдов во Баниште. Мечка со две мали мечиња стоеше на неколку метри од мене. Се исплашив. Може да те направи лом. Јас избегав, веднаш. Дојде дома, кај куќите. Има многу мечки“, ни раскажува младиот Агон Перчи кого го сретнавме во центарот на Дебар.

Земјоделецот Фатим Фида има нива во село Коњари, на пет километри од Дебар. Мечки и диви свињи му ги изеле пченките и гравот. Обесил вреќи да се веат покрај нивата, палел гуми за огнот да ги плаши мечките. Ништо не го спасило.

Има многу гладни усти, а храната не е доволна.

Фатим Фида
Фатим Фида

„Тие мечки треба да се хранат. Ако не се храни, може и во куќа да влезе. Мора да јаде, што да јаде? Тука доаѓа секоја ноќ. 1000-1.500 евра е штетата. Само од тука исфрлив 300 килограми грав“, вели Фида.

 

Бајрам Дема
Бајрам Дема

Бајрам Дема живеел во Америка, сега е дома. Околу куќата поставил камера.

„Компири не можеме да сееме. Мечката иде, ги собира пченките. Што да ѝ правиме, забрането е да ја тепаме. Заградив еден метар со шајки…доаѓаше, ги гледаше шајките и не влегуваше внатре“, го кажува Дема своето искуство.

Дилавер Дема
Дилавер Дема

Пчеларниците се заградени со железна ограда. Пчеларот Дилавер Дема ставил двојна ограда, ја поврзал со струја и ја заклучил со катанец. И покрај тоа, мечката влегла двапати и го искршила пчеларникот.

„Ни концесионерот не даваше ништо на мечките, ни природата. Претходно, сами ние ги храневме. И поскапо го направија ловиштето и не пуштаат храна за животните. Две жици на пчеларникот, како јуфки ги има скинато“, вели Дема.

Пред десетина дена мечка била видела близу ѓубриште во Дебар – од десната страна на влезот од градот, веднаш зад фабриката „Кнауф“.

Концесии за ловиштата се за 20 години

Здружението на ловџии „Стогово 2“ неодамна апелираше до жителите на Дебар и Центар Жупа да се движат внимателно низ шумата, сега во сезоната на костени и печурки. Ловџиите обвинуваат дека концесионерите на ловиштата, особено скопскиот концесионер, не ги прихранува животните доволно и дека тоа е една од причините што бараат храна.

Една од жалбите што ги поднело Здружението на ловџии „Стогово - 2“ на шест адреси, во министерства и инспекторати
Една од жалбите што ги поднело Здружението на ловџии „Стогово – 2“ на шест адреси, во министерства и инспекторати

Здружението уште лани поднело жалба до шест институции – министерства, инспекторати, вицепремиерот Артан Груби… Укажале дека енормно се зголемил бројот на мечки и диви свињи кои прават штети, дека концесионерот неодговорно стопанисува со ловиштето… Никој не им одговорил.

На петицијата со која се бара решение на проблемот се потпишале 870 граѓани.

Дебар, Северна Македонија
Дебар, Северна Македонија

Ловџиите се уверени дека во дел од ловиштата се ловат и животни за кои ловот е забранет, од страна на ловџии од „елитата“ во Скопје и во Албанија.

На територијата на Дебар има три ловишта: „Стогово“, „Дешат“ и „Бомово“. Биле дадени под концесија во 2015 година. Со „Стогово“ и со “Дешат“ стопанисува компанијата „Канеш-Стогово-Скопје“. Концесијата е на 20 години. За првото ловиште ѝ плаќа на државата 350.000 денари годишно на државата, а за помалото, по околу 93.000 денари годишно.

Концесијата за ловиштето „Бомово“ ја добила локалната фирма „Викторија Виц“ ДООЕЛ за сума од 35.000 годишно.

Одлуките за доделување на ловиштата под концесија објавени во Службен весник
Одлуките за доделување на ловиштата под концесија објавени во Службен весник

И од двете фирми концесионери за РСЕ изјавија дека прихрануваат соодветно, согласно договорите за концесија. Обврзани за да оставаат храна за животните за кои важи концесијата – а од таа храна јадат и мечките.

„Обвинувањата се неосновани. Прихрануваме плански, имаме записници. Министерството за земјоделство и шумарство прави контроли. Се е евидентирано. Има мала група ловџии кои мислат дека треба да ловат без пари“, велат од концесионерот „Канеш – Стогово – Скопје“.

Од таму реагирале до Министерството дека бројот на мечки е двојно па и тројно зголемен.

„Со години ја следиме ситуацијата со мечките. Само на камера регистриравме 40 единки во последните две години, а колку има што не поминале пред камера? Но, ние не смееме да ловиме мечки“, велат од компанијата.

Извор: Радио Слободна Европа

АКТУЕЛНО