Search
Search

Македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ ќе го затвори фестивалот „Синеворлд“ во Флорида

Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски в недела ќе го затвори 34. издание на филмскиот фестивал „Синеворлд“ во Флорида, САД.

Филмот има вкупно четири проекции на програмата на фестивалот, сите во ударен термин.

Минатата седмица „Бизнисот на задоволството“ имаше уште еден фестивалски успех во САД со селекцијата на филмскиот фестивал „Орланд“, каде што беше номиниран за награда во пет категории: најдобар филм, најдобра режија и сценарио за Гоце Цветановски, најдобра кинематографија за Фејми Даут и најдобра споредна улога за Дамјан Цветановски.

Првото долгометражно филмско остварување на Цветановски деновиве ја имаше и својата африканска премиера и беше дел од официјалната програма на Африканскиот меѓународен филмски фестивал и Меѓународниот филмски фестивал во Абуџа, Нигерија.

„Бизнисот на задоволството“ досега беше селектиран на десетици фестивали, а се закити со пет награди.

Политичкиот трилер ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.

 

 

АКТУЕЛНО