Search
Search

Во Аеродром е поставен првиот соларен полнач за електрични тротинети

Општина Аеродром е првата општина во Македонија во која во која е поставен полнач за електрични тротинети кој работи на соларна енергија, а ќе биде достапен за користење на сите граѓани. Станува збор за проект кој се реализира во рамките на проектот на Центарот за климатски промени, „Патоказ до вашата еко-паметна општина“, финансиран од амбасадата на САД, а кој е насочен кон поголемо искористување на обновливите извори на енергија.

Полначот е поставен во дворот на основното училиште „Александар Македонски“, а бидејќи е прв од ваков вид кој се поставува во Македонија, тој ќе биде во фаза на тестирање до 1 декември, по што сите граѓани ќе можат бесплатно да го користат. Со полначите, граѓаните ќе имаат можност бесплатно да користат чиста и зелена енергија, а со тоа директно да придонесат кон намалување на емисиите на загадувачки супстанци.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски вели дека општината континуирано инвестира во проекти и инфраструктура кои поттикнуваат користење на обновливи извори на енергија и промовираат алтернативни средства за сообраќај.

Се надеваме дека овој проект ќе биде поттик за граѓаните да користат чиста енергија за транспорт, а со тоа заедно ќе придонесеме кон подобрување на животната средина во нашата општина, напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени се заблагодари на Општина Аеродром и како што рече, се надева дека овој пример ќе биде поттик и за останатите општини да размислуваат во насока на поголемо искористување на сончевата енергија и да овозможиме средина каде автомобилите ќе се користиме се поретко.

Од Општина Аеродром информираат дека покрај денешната активност, општината постави фотоволтаици за сите основни училишта и градинки, активно работи на поставување енергетски ефикасни фасади на повеќе детски градинки и училишта, како и на доделување на субвенции за велосипеди и електрични тротинети. Веќе втора година во општината се реализира проектот „Clean AirDrom“ кој е финансиран од страна на Европската унија и има за цел да воспостави примарен систем за селекција и рециклирање на отпадот.

АКТУЕЛНО