Search
Search

Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје: Денес се очекуваат клучните одлуки

Министерскиот состанок на ОБСЕ што се одржува во Скопје завршува денеска. Според агендата, денеска ќе се одржи завршна пленарна сесија по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, со претставник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид.

Откако Русија ја нападна Украина минатиот февруари, имаше предупредувања дека иднината на Организацијата би можела да биде во криза, поради пречките што ги создава Москва, како што е годишниот буџет на ОБСЕ, но и мандатот на четирите важни позиции во ОБСЕ – генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите.

Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а се уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија. Неофицијално, според извори за „Слободен печат“, денеска би требало да се донесе одлука за овие четири позиции но нивниот мандат би можел да биде три, четири или до шест месеци.

За денеска најавена е и прес-конференција на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, што ја организира руската делегација и за која има голем интерес меѓу акредитираните новинари што го следат состанокот во Скопје.

На последниот ден од Министерскиот состанок ќе се одржат и три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Европските лидери вчера ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во своето обраќање рече дека она што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Пред учесниците на Министерскиот совет, Лавров истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ.

Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Полска го откажаа своето учество на Министерскиот совет, но делегации од земјите како и дел од нивните амбасадори во ОБСЕ, сепак, допатуваа на состанокот.

На Министерскиот совет учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

 

АКТУЕЛНО