Search
Search

На три јазици ќе биде промовирана „Najdime.org.mk “ за рано предупредување за исчезнати деца

Во организација на Граѓанската организација Новинари за човекови права, во соработка со партнер организацијата ЕКПАТ-Австрија, денеска ќе се одржи завршната конференција на проектот „Пилот-проект за Систем за рано предупредување за исчезнати деца“, на која ќе биде промовирана веб-страницата на Систем за рано предупредување за исчезнати деца – najdime.org.mk. Веб-страницата ќе биде на три јазици – македонски, албански и ромски, а ќе фунционира со поддршка на Министерството за внатрешни работи.

-Системот за рано предупредување ќе споделува информации за исчезнатите по претходна потврда на пријавата во МВР, по што ќе се дистрибуираат преку каналите за комуникација на партнерите, бизнисите со кои е остварена соработка: банкомати на банки, дигитални дисплеи во јавниот сообраќаен превоз, комуникациски канали на групацијата за такси превоз, хотелските услуги…, посочуваат од Новинари за човекови права.

Како што најавуваат организаторирете, на настанот ќе се обратат Јетон Шаќири, министер за образование и наука, Тони Ангеловски, помошник за односи со јавност на министерот за внатрешни работи, Јасна Стојкоска, асистент на полициско аташе при австриска Амбасада во Скопје, Харалд Фугер, Аташе на Федералното Министерство за социјални работи, здравје, грижа и заштита на потрошувачи на Австрија.

Воедно ќе бидат промовирани и останатите постигнувања од проектните активности во изминатите две и пол години, препораките до институциите, а со сите засегнати чинители, претставниците на институциите, бизнисите, експертите, ќе се дискутира и за бенефитот од размената на искуства, олеснетата меѓуинституционална размена на информации и поддршката на системот за алармирање за да се намали ризикот од исчезнување на децата и да се забрза процесот на наоѓање.

АКТУЕЛНО