Search
Search

Маричиќ: 2024 да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција

Нашата обврска е завршена, институциите ја одработија домашната задача со посветена и сериозна работа. Ова е историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Она што недостасува, е последната обврска за да одиме напред, а тоа се уставните измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.

Тој уште еднаш повтори дека уставните измени со ништо нема да му наштетат на нашето мултикултурно македонско општество, а со нив ќе добиеме пристап кон нови европски фондови и кон отворање на поглавјата кои ќе ни донесат реформи по европски стандарди.

Повикувајќи да се постигне политички консензус за ова прашање не заради партиските придобивки, туку заради заедничката иднина, Маричиќ додаде дека уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо, а ја прават европската перспектива реална и остварлива.

-Ако 2023 година беше година на успешен скрининг, 2024 година треба да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција, политички консензус не заради партиските придобивки, туку заради остварување на стратешката цел и заедничката иднина, а тоа е Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, порача Маричиќ.

Според него, изминатата година и половина било остварено најважното во однос на стратешката цел – членство во ЕУ – почетокот на преговорите, што, како што рече е клучна точка за трансформација на општеството.

Притоа потсети дека на 27 јули бил објавен извештајот за скринингот за кластер еден, по што имало серија консултации со сите вклучени чинители, а на 13 ноември пристигнало и официјалното писмо од шпанското претседателство за условите, под кои може да се отворат преговорите за првиот кластер.

Маричиќ кажа и дека стратегијата, според која треба да чекаме сто години е стратегија на безнадежност и стратегија за празнење на државата од млади луѓе и од стручни луѓе кои својата иднина ја гледаат во ЕУ.

-Тоа е стратегија во која единствена шанса на македонскиот граѓанин да стане дел од ЕУ е да извади пасош на друга држава. Ние таа стратегија не ја прифаќаме и веруваме дека мнозинството граѓани веруваат во стратегијата Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030, изјави тој.

Целта, како што кажа, е да не се пропушти позитивниот момент на залагање на земјите-членки за проширување на ЕУ и да поентираме во наша полза, додавајќи дека со приклучување на земјите од Западен Балкан, ЕУ ќе затвори важно геополитичко прашање.

Маричиќ додаде и дека и покрај силната пропаганда и дезинформациите поврзани со францускиот предлог и со уставните измени, како што рече, видовме дека тие нема да му наштетат на концептот на мултиетничко општество содржан во Уставот.

 

АКТУЕЛНО