Search
Search

Вработените во Општина Карпош уплашени дека ќе останат без плати

Советниците во Советот на Општина Карпош на последната седница одржана на неколку дена пред истекот на 2023 година не го донесоа Буџетот за наредната година, затоа што процедурата беше закочена, откако на расправа се најдоа повеќе од 3800 амандмани поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Расправата за Буџетот всушност беше запрена затоа што не се најде начин како да се продолжи со работа, особено што градоначалникот Стевчо Јакимовски и општинската администрација сметаа дека амандманите се невалидни, поднесени во пократок рок од пропишаниот, а во дел од нив имало и грешки.

Остана дилемата дали воопшто треба да се разгледуваат или директно да се оди на гласање. По координативната средба, на која колегите од ВМРО не се согласија со повлекување на амандманите пред 24-ти февруари, седницата се прекина. Дури и иницијативата за носење Одлука за времено буџетирање кои сме должни да ја донесеме, немаше желба ниту да се подготви, ниту да се донесе – соопштија од „Независни од Карпош – За заштита на Карпош“.

Според нив доколку сите амандмани се разгледуваат потребни се минимум над 60 часа работа, што значи ако 10 дена се работи по 6 часа, постојат шанси до 15 јануари да се стигне до гласање на Буџетот.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ пред дваесетина дена ги поднесоа амандманите за, како што соопштија, времено да биде спречено донесувањето на Буџетот на Карпош, а со тоа и носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае, Млечен и други ДУП-ови.

Колку и да ги почитуваме ставовите на колегите од ВМРО, не може да најдеме поврзаност на блокирањето на Буџетот со носење ДУП-ови, посебно што за Програмата за урбанизам се најде компромис и беше донесена само со два плана, Нерези и блок кај Момин Поток. За секој ДУП што треба да се процесира во 2024, мора да има одлука за дополнување на оваа Програма на Советот – велат независните советнички.

За нив, начин да се решат пречките за донесување на Буџетот е советниците од ВМРО- ДПМНЕ да ги повлечат амандманите и да се обезбеди официјален документ од соодветна институција околу валидноста на амандманите.

 

АКТУЕЛНО