Search
Search

На 14 локации ќе можат да се поставуваат подвижни објекти и апарати за улична продажба

Општина Центар за прв пат ќе воведува ред во уредувањето, организацијата и одржувањето на подвижните објекти што вршат различна дејност. Имено, на наредната седница, Советот на Општина Центар треба да даде зелено светло за предлог-одлуката за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи и за определување локации за нивно поставување на подрачјето на Општина Центар.

Според одлуката, предвидени се 14 локации на кои може да се поставуваат подвижни објекти, подвижни апарати и други направи. Локациите се во рамките на деталните урбанистички планови: централно градско подрачје на Град Скопје – Мал Ринг (донесен во 21.12.2012 година), изменување и дополнување на ДУП за градскиот  кварт Дебар Маало 1 (донесен на 21.12.2012 година), изменување и дополнување на ДУП за градскиот кварт Дебар Маало 2 (донесен на 28.12.2009 година) и централно зеленило покрај реката Вардар, јужен дел – Парк 1 (донесен на 13.9.2012 година). Одобрение за нив ќе издава градоначалникот на Општина Центар, по спроведен и транспарентно објавен јавен повик и постапка.

Објектите можат да бидат на сопствен погон или можат да бидат направи што немаат сопствен погон на движење, односно претставуваат специјализирани возила за улична продажба, со должина до четири метри и висина до три метри, во кои можат да се даваат угостителски услуги што немаат негативно еколошко влијание врз околината. Односно користат агрегат за напојување со струја со ниска бучавост, кој е висококвалитетен, немаат индустриски агрегат и поседуваат сертификат за ниска емисија на штетни гасови.

Максималната површина што може да ја зафаќа подвижниот објект е 16 квадратни метри. Во неа се опфатени: подвижниот објект, подвижниот апарат или друга направа, манипулативниот простор, урбаната опрема во функција на користењето на локацијата – канта за отпадоци. Подвижните објекти, подвижните апарати и други направи треба да имаат дизајн и изглед што не го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени. 

Воедно, на подвижните објекти може да се поставуваат рекламни натписи само во широчина на челото на опремата и нивната површина се засметува во вкупната висина и широчина на подвижниот објект.

Градоначалникот на Општина Центар ќе го објави јавниот повик со кој ќе ги пропише конкретните услови, начинот и постапката за доделување и користење на локациите за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи.

За поднесените барања за користење на локациите важи принципот „прв дојден – прв услужен“.

Како што се наведува во образложението на предлог-одлуката за поставување подвижни објекти, подвижни апарати и други направи и за определување локации за нивно поставување на подрачјето на Општина Центар, целта е да се унапреди одлуката за комунален ред и мерки за спроведување на подрачјето на Општина Центар.

Извор: Вечер

АКТУЕЛНО