Search
Search

За малку не ја дочекавме пролетта со сијалички и лампиони

Можеби градоначалничката Данела Арсовска годинава доцна го украси градот, дури на десетина дена пред новогодишните празници, но затоа ги остави сијаличките и лампионите да светат до средината на јануари. Во новогодишна атмосфера скопјани ги поминаа сите празници месецов, а малку фалеше и март да дојде за да го дочекаат со светнати лампиони и сијалички над булеварите. Денеска конечно екипите ги откитуваат овие декорации.

Раскитувањето на плоштадот „Македонија“ започна пред две недели, кога екипи од градските претпријатија се фатија за работа за конечно да ги тргнат украсите и од плоштадот и од улиците кои светат веќе месец и пол и непотребно трошат струја. Сепак на плоштадот уште може да се видат како осамени стојат затворените новогодишни куќички. 

Новогодишното китење на Скопје годинава помина со многу дилеми и отворени прашања. Освен дека украсувањето ќе чини околу 30 000 евра, до денес не се дозна која фирма беше ангажирана, ниту како, ниту на кој начин беше платена. Истото се случи и минатата година кога според Арсовска градот бил накитен без дополнителни трошоци. Но, до ден денешен градоначалничката не објасни како се кити град беспари, со која општествено одговорна компанија и како било договорено бесплатното украсување.

За тоа како беше реализирано новогодишното украсување во Скопје испитуваа и инспектори од Управата за финансиска полиција, откако беа јавно повикани од Јавното обвинителство да откријат каде завршиле 30 000 евра од Град Скопје, односно парите на граѓаните.

 

АКТУЕЛНО