Осум од десет жители на Скопје сметаат дека корупцијата е на високо ниво во локалната јавна администрација. Иако Скопје се рангира во десетте најлоши градови за живеење во Европа, 72 отсто од жителите велат дека живеат убаво во главниот град, според податоците од истражувањето на Европската комисија.
Додека само 13 проценти од граѓаните сметаат дека квалитетот на животот во Скопје се подобрил во последните пет години, жителите на Рим на пример се понезадоволни и само три отсто од нив сметаат дека има подобрување.
Дури 65 отсто од анкетираните жители на Скопје сметаат дека е лесно да се најде стан по разумна цена. Над 35 проценти анкетирани скопјани сметаат е лесно да се најде работа во нивниот град, а 60 проценти се задоволни со работата што ја имаат.
Според податоците од истражувањето, луѓето кои живеат во градовите во јужните земји-членки и градовите од Западен Балкан се со поголема веројатност да најдат добро домување по разумна цена од оние кои живеат во градови во западните и северните земји-членки и земјите од ЕФТА.
Најгорливиот проблем за скопјани се квалитетот на воздухот, хигиената во градот и јавниот превоз.
Во делот на квалитетот на воздухот, Скопје е на дното на листата, односно само 12 проценти од анкетираните жители одговориле дека се задоволни од квалитетот на воздухот. Само 23 отсто од анкетираните сметаат дека Скопје е чисто. Во однос на јавниот превоз, 47 проценти од анкетираните се задоволни, но сепак Скопје е меѓу првите три градови на листата по тоа колку се користат возила.