Search
Search

Што го предизвикува икањето?

Икањето понекогаш знае да биде многу заморно и непријатно, но тоа е состојба што секому му се случила барем еднаш во животот.

Кога почнуваме со икање, тоа обично трае неколку минути, но во потешки случаи може да трае и неколку часа. Колку подолго трае икањето, толку луѓето стануваат понервозни бидејќи не можат да престанат.

Но, има причина зошто икаме. Како што пишува New York Post, икањето е неволна и брза контракција на дијафрагмата и меѓуребрените мускули кои ги прошируваат белите дробови за дишење, по што веднаш следи затворање на глотисот.

„Тоа е мускулна контракција што ги затвора дишните патишта по голтањето. Затворањето на глотисот е она што го предизвикува звукот на икање“, објасни докторот Марк Лофман за Fox News Digital.

Икањето обично е краткотрајно, а Лофман истакнува дека подолгото икање може да биде поврзано со здравствени проблеми.

„Подолгите епизоди се поврзани со различни состојби, од бенигни до сериозни, иако понекогаш никогаш не наоѓаме причина за упорното икање“, истакна тој.

Дали плашењето помага?

Постојат неколку добро познати стратегии кои луѓето ги користат за да се обидат да го спречат икањето. Задржувањето на здивот пет или десет секунди е често најпопуларниот метод, објаснува Лофман.

Исто така, постојат стратегии како што се пиење вода, голтање лажичка сув шеќер, влечење на јазикот, гаргарање со мраз ладна вода, но докторот посочува дека што и да правите, икањето на крајот ќе помине само по себе.

„Имајте на ум дека икањето главно се самоограничува и ќе престане што и да правите, така што тоа што го правите ќе изгледа како да делува, иако икањето самото престанало“, објаснил докторот.

Многу луѓе се запознаени и со методот на плашење на личноста која не може да го спречи икањето, но Лоуфман тврди дека оваа стратегија нема ефект. Тој истакна дека ова се „бабини деветини“ и дека веројатно не делува, но може да изгледа како да делува.

Лофман советува да побараат лекарска помош ако икањето трае со часови, често се повторува или ги попречува основните функции. Иако икањето е краткотрајно и целосно бенигно најчесто, постојаните епизоди се поврзани со некои хронични, а понекогаш и сериозни медицински состојби. /Кајгана/

 

АКТУЕЛНО