Search
Search

Преспанскиот договор не може да го промени ниту Скопје ниту Атина, вели грчката влада

Ниту македонската ниту грчката страна не може да го промени Преспанскиот договор, затоа што тој е меѓународен договор.

Ова денеска во парламентот во Атина го изјави грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање на Реан Дуру од Сириза, која се интересираше зошто парламентот не ги ратификувал трите меморандуми кои чекаат од 2019 година.

Герапетритис изнесе редица добри оценки за развојот на односите меѓу Грција и Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор, јави дописничката на МИА од Атина.

„Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика. Но мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво“, рече Герапетритис.

Според него, предвидените меморандуми „ќе дојдат за ратификација во парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.

Тој нагласи дека „Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните, а грчката Влада внимателно го следи спроведувањето“. Зборувајќи за промената пасошите, тој рече дека „сè уште не постои целосна усогласеност. Прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

„Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија“, рече Герапетритис.

 

АКТУЕЛНО