Search
Search

Андреска за „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“: Стекнувањето на висока свест и правилното одлагање и селектирање на отпадот водат до зелена иднина каква што сите посакуваме

Во време кога се соочуваме со сериозни предизвици предизвикани како последици од глобалното затоплување, сметам дека е исклучително важно секојдневно да преземаме дејствија кои се во насока на зачувување на животната средина, истакна Даниела Андреска, од Центарот за одржлив развој „Алка“, осврнувајќи се на проектот што го спроведуваат „Зелен раст и одржлив развој“.

Во моментов го спроведувате проектот „Зелен раст и одржлив развој“. Какви активности вклучува проектот?

Станува збор за проект што вклучува повеќе активности и поради тоа е сeопфатен. Прво, во рамки на проектот спроведовме онлајн анкета во општините Карпош и Центар, која опфати 306 домаќинства со цел да добиеме точни податоци во однос на одлагањето и селектирањето на отпадот во овие општини, како и да ја добиеме целосната слика за перцепцијата на граѓаните во однос на ова прашање. Потоа, врз основа на добиените податоци од анкетата, експертот за изработка на истражување Алберт Мемети ја изготви Анализата „Заедно за климатска акција“, која е одлична појдовна точка за да се детектираат недостатоците и да се поттикнат дејствија со кои ќе се надминат предизвиците за одлагање и рециклирање на отпадот, а со тоа ќе се зголеми процентот на рециклираниот отпад, што води до поголема грижа за животната средина. Во рамки на проектот спроведуваме и кампања на социјалните медиуми „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“ со цел да ги поттикнеме граѓаните да произведуваат помалку отпад, како и истиот правилно да го селектираат и одлагаат. Дополнително, потпишавме и два Меморандуми за соработка со Општините Центар и Карпош, со цел унапредување на соработката и размена на податоци кои се од значење за двете страни. Во рамки на проектот исто така се спроведоа и активности во градинки во двете целни општини. Проектот има и компонента за институционална поддршка и јакнење на организацијата и тоа во неколку сфери, како што се дигитализација, ефикасно користење на социјалните медиуми, обуки за зголемување на видливоста на организацијата, односно присуството во медиумскиот простор, обука за дизајн и спроведување на кампањи, обуки за Климатски Промени, како и подготовка на целна Стратегија за екологија на организацијата.

Какви активности се спроведоа во градинките?

Од исклучително значење е децата уште од најмала возраст да развијат висока свест за важноста за грижата за животната средина, како „заеднички дом“ што за сите е потребно да биде „чист“. Поради тоа одлучивме во две градинки во општините Центар и Карпош да спроведеме активности, кои освен едукација, вклучуваа и креативен приказ, со цел на дечињата да им ја всадиме свесноста за рециклирањето на отпадот. Поточно, со наша помош, децата изготвија предмети од отпад и ги обоија. Пластичните шишиња, се претворија во цветови во најразлични бои кои беа споени во едно уметничко дело кое долго ќе им служи за потсетник дека отпадот може да се реупотребува.

Со чија помош го спроведувате овој проект?

Проектот е финансиски поддржан со институционален грант, во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“ спроведуван од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија, а финансиран од Владата на Шведска.

Напоменавте дека изготвивте и истражување. Која е целта на истражувањето?

Целта на ова истражување е да поттикне јавна дебата околу селекцијата и управувањето со отпад и да ги поттикне локалните власти кон креирање на одржливи програми и системи за управувањето со отпад коишто ќе се насочат кон правилно рециклирање и создавање на чиста и здрава животна средина. Дополнително, сите податоци од истражувањето ги искористивме, на креативен начин, да им ја прикажеме реалната состојба на граѓаните во однос на ова прашање. Односно, со помош на Анализата ја изготвивме кампањата за социјални медиуми „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“ која, според нас, ќе пробуди особен интерес кај граѓаните.

Со години наназад, односно од вашето основање се залагате за грижа за животната средина. Какви се вашите гледишта, дали сите досегашни проекти и кампањи постигнале ефект?

Од основањето АЛКА е поборник за здрава животна средина и учествува во процесот на намалување на загадувањето. Во рамките на проектите, секогаш се вклучувале хоризонтални мерки: Грижа за животната средина; Промотивни и едукативни активности за чиста околина со вклучување на децата и младите; Земјоделскиот отпад како енергенс, Енергетска заштеда со планирање на енергетски ефикасни општествени згради итн.
Кога ќе се земе предвид состојбата од пред десет години и денес, навистина се забележуваат огромни промени, што покажува дека навистина се постигнува ефект, но реалноста е дека ни претстои многу работа на ова поле. Она што е клучно, е дека треба да се прават суштински промени и константно да се дејствува во вистинска насока, бидејќи „алармите“ се вклучени и секој од нас треба да придонесе на тој пат.

Да се навратиме на Анализата која е изработена во рамки на овој проект. Кои заклучоци произлегоа од истата?

Според податоците кои произлегоа од Анализата, може да се заклучи дека одржливото управување со отпад претставува предизвик, но и можност за Северна Македонија. Преку интегриран потход и активна улога на сите заинтересирани страни, земјата може да го претвори отпадот во ресурс и да создаде здрава и одржлива заедница. Во ова истражување за управување со отпад во општините Центар и Карпош, беше извршена анализа на законските и регулаторни аспекти, инфраструктурата, програмите за рециклирање, свесноста на јавноста и еколошките последици. Во овој контекст, се идентификуваа неколку клучни аспекти кои би требало да бидат земени предвид за подобрување на системот за управување со отпад во земјата.

Посочивте дека се идентификувани неколку клучни аспекти, кои треба да се земат предвид за подобрување на системот за управување со отпад во земјата. Што всушност значи тоа?

Ќе започнам со легислативата и регулациите. Според податоците во Анализата, законската рамка за управување со отпад во земјата е во постојано подобрување, но потребна е постојана евалуација и ажурирање на прописите за да се обезбеди соодветно управување и прилагодување кон потребите на заедницата и технолошките напредоци. Особено важно е да се донесат законски измени во делот на креирање на јавно-приватно партнерство, вметнување на неформалните собирачи на отпад во системот за управување со отпад. Кога станува збор за инфраструктурата и ефикасноста би нагласила дека иако постои одредена инфраструктура за управување со отпад, потребно е значително подобрување во ефикасноста на собирање и обработка на отпадот. Инвестициите во модернизација на инфраструктурата ќе играат клучна улога во подобрување на системот. Од анализата произлегува дека иако испитаниците се спремни да селектираат и да рециклираат, најчесто поради немањето на инфраструктурата, не го прават истото. Дополнително, следењето на правилникот за општите правила за постапувањето со комуналниот отпад од страна на јавните комунални претпријатија е од исклучителна важност, како и фреквенцијата на собирањето на отпадот, и организирањето на денови за собирање на различен вид на отпад. Во однос на програмите за рециклирање, водејќи се од Анализата, ќе потенцирам дека програмите за рециклирање треба да бидат проширени и поддржани со зголемена свесност и учество на граѓаните и бизнис-секторот. Таквите програми не само што ќе го намалат количеството на отпад што завршува на депонија туку и ќе ја стимулираат циркуларната економија. Околу свесноста на јавноста и образованието, се нотира дека повеќе едукација и информирање на јавноста за важноста на правилното управување со отпад може значително да придонесе кон промена на поведението и навиките на граѓаните. Спроведувањето на јавни кампањи, постојана едукација, како и стимулативни програми каде што ќе се поттикне селекцијата со отпад и изнаоѓањето на иновативни решенија, значително ќе придонесе кон менување на навиките на жителите од различни општини. Дополнително, во овој дел е клучно да се напомене транзицијата кон кружна економија, бидејќи на тој начин ресурсите повторно се користат и рециклираат во затворен круг, што има голем потенцијал. Со поттикнувањето на бизнисите, но и на домаќинствата да усвојат практики за циркуларна економија и со дизајнирањето на производи со можност за рециклирање, може да придонесе за одржливо користење на ресурсите и намалување на отпадот. И како последно, треба да се истакне интеграцијата на иновации и технологии. Односно, според Анализата, прифаќањето на иновативни технологии и практики е од клучно значење за еволуцијата на рециклирањето во Северна Македонија. Истражувањето на нови методи за сортирање, преработка и пренамена на материјалите, како и поттикнување на истражување и развој во секторот за рециклирање, може да доведат до позитивни промени.

Со години наназад работите на унапредување на состојбата со управувањето со отпадот. Кои се вашите препораки во однос на тоа како треба да се постапува во иднина за да се постигне видлив напредок?

Според мене, за граѓаните потребно е константно да се спроведуваат кампањи со цел покревање на јавната свест за важноста од правилно одлагање и рециклирање на отпадот. Во однос на државата, потребно е да се подобри легислативата со цел да се воведат одржливи практики за управување со отпад, но исто така од исклучителна важност е Владата да инвестира во модернизација и раширување на инфраструктурата за управување со отпад, со посебен фокус на обнова на собирните системи и напредни технологии за обработка.

 

АКТУЕЛНО