Search
Search

Оловната згура се чисти од село Орман и се складира во базени во фирмата „Рецикл еко-старт“

Опасната згура од преработка на акумулаторски батерии во количество од 500 до 600 тони, која пред пет месеци беше откриена на плац во близина на село Орман почна да се чисти и да се транспортира во објектот на фирмата „Рецикл еко-старт“ во Општина Чучер-Сандево.

Со ваква информација излегоа и Државниот инспекторат за животна средина и Општина Ѓорче Петров, кои соопштија дека транспортирањето почнало вчера во согласност со Протоколот за безбедно транспортирање, а го врши овластена компанија ангажирана од фирмата „Рецикл еко-старт“.

Инспекторатот најави дека е во постојана координација со Општина Ѓорче Петров, Одделението за инспекциски работи и дека ќе ги следи во континуитет активностите до целосно завршување и враќање на опасниот отпад на првобитната локација.

Здравјето на граѓаните ни е најважно и нема да дозволиме ништо да ни застане на патот кон елиминирање на штетните влијанија и кон создавањето здрава, квалитетна и еколошки одржлива животна средина. Опасниот отпад ќе биде дислоциран по сите стандарди на друга локација, која е предвидена за таков вид отпад. За таа намена, посебно е изработен и басен со бетонска подлога со геотекстил и геомембрана. Очекувам за околу две недели целосно расчистување на локацијата – соопшти градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Дека почнал процесот на чистење на отпадот од Орман, потврди и директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски.

Почнавме вчера, еден камион со отпад, на фирма што има дозвола за транспорт на ваков вид отпад, веќе е пренесен на локацијата на „Рецикл еко-старт“ во Чучер-Сандево. Во меѓувреме, фирмата доби измена на А-интегрираната дозвола за преработка на отпадна троска од олово. Згурата се складира во бетонски базени со заштитна фолија. Потоа со физички процеси прават сепарација на оловото и го ставаат во печки и го топат – вели Стојковски.

На прашањето дали тоа значи дека по преработката нема да има штета за околината, тој објаснува дека на остатоците од преработката треба да им се направи анализа и процена дали има загадувачки материјали, но како што вели, загадувачот е оловото, згурата што содржи повеќе од 3 отсто удели олово.

Оловната згура во Орман како што е познато според лабораториските анализи што ги направи Државниот инспекторат за животна средина, содржеше речиси 10 отсто олово, како и бакар, кадмиум и други тешки метали.

На крајот на декември Стојковски посочи дека Инспекторатот поднел две кривични пријави за фирмите „Рецикл еко-старт“ и „Сатус“ ДОО за загрозување на животната средина и природата со отпад по член 230 став 2 од Кривичниот законик. Како што објасни тогаш директорот на ДИЖС, на фирмата ѝ е даден рок од 60 дена да го врати отпадот на локацијата на „Рецикл еко-старт“, а во меѓувреме е задолжена да направи и протокол за враќање на опасниот отпад на посочената локација во општината Чучер Сандево.

Според информациите на ДИЖС, „Рецикл еко-старт“ опасниот отпад го третирала речиси цела година, иако за тоа немала дозвола. Проширување на А-интегрираната дозвола, со што би ја вклучиле и оваа дејност побарале од Министерството за животна средина дури во септември минатата година.

Отпадот натрупан во Орман потекнува од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип, кој го предавал на „Рецикл еко-старт“ од Чучер-Сандево. Оваа компанија имала А-интегрирана дозвола исто како и „Таб-мак“ за преработка на акумулатори, но не и за третман на отпадот од тој процес. Тоа значи дека оваа компанија не смеела да прими опасен отпад, а уште помалку да го префрли на друга локација.

Сега „Рецикл еко-старт“ веќе поседува дозвола за преработка на отпадна троска од олово, па опасниот отпад ќе се пренесе на нејзина локација каде што ќе се преработува. Сѐ уште е неизвесно колку време ќе биде потребно да се пренесе огромното количество на оловна згура од Орман. Стојковски вели дека тоа ќе зависи од динамиката на транспорт и складирање.

АКТУЕЛНО