Search
Search
фото: Ванчо Џамбаски

Македонските маски и карневалите

Карневалот е време за ставање маски, индивидуално и групно. Маскирањето и маскирањето овозможува промена на идентитетот, ослободувајќи го привремено од товарот на секојдневните улоги. Со менување на начинот на облекување можете да постигнете промена на полот, возраста или социјалниот статус и на тој начин да внесете состојба на конфузија во воспоставениот поредок на нештата.

Маските и карневалската слобода на однесување се меѓусебно условени – луѓето ставаат маски за да се однесуваат лудо без да бидат забележани, додека маските на лицето предизвикуваат промена во однесувањето на нивните носители. Магичните празни лица се само навидум безумни – тие носат слоеви на антички значења и цели. Замената на лицето обично предизвикува заплашување или смеа, но понекогаш се чини дека маската и денес може да биде во служба на супериорните сили или заштита од нив. Моќта на маската ги привлекува децата, но дали таа не е туѓа за возрасните.

Во многу делови на Македонија традиционалните маскирани олицетовренија се појавуваат секоја година, често во одделни карневалски поворки, додека понекогаш речиси и се губат во колоритната палета на современи, актуелни маски. Мнозинството од тие древни личности се мистериозно неми – тие се претставуваат во движење, танцување и правење врева. Не е тешко во нивното однесување да се идентификуваат карактеристиките на ритуалното прикажување, одредена сакрална и магична сериозност со која тие ја извршуваат својата навидум нескротлива или ласкавична задача, која всушност е поставена од традицијата.


фото: Ванчо Џамбаски
Трите најпознати карневали во Македонија се секако Вевчанскиот (Василица), Струмичкиот (Тримери) и Прилепскиот (Прочка).

Вевчанскиот и донекаде Прилепскиот карневал имаат зачувани најмногу од своите архаични елементи. Тука среќаваме некои стари маски, стари ликови кои жилаво опстојуваат уште од претхристијанскиот период. За разлика од нив, Струмичкиот отсликува помодерна визура и разбирање на карневалот, но сепак задржувајќи ја својата примарна улога и значење, како и останатите – да се обезбеди плодност на заедницата, да има голем бериќет и да се истераат сите зла и болести.


фото: Ванчо Џамбаски
Исто како и пред 100 години, исто како и пред 500 и 600 години, карневалот останува момент во кој заедницата доживува барем за момент, неограничено единство и се подготвува за годината која следи. Момент на радост и прочистување, време за меѓусебно простување на гревовите и нови почетоци.

 

Мечкарите од прилепскиот карневал ја носат приказната за настанокот на светот

Традиционално за Прочка се одржува Прилепскиот карневал, кој од 2001 година станува меѓународен карневал кога доаѓаат многу гости од странство и од другите места од Македонија. Традиционална маска која останала од времето на нашите древни предци за прилепскиот карневал се Мечкарите. Тие го покажуваат светот како што го гледале нашите предци и моќното чувство кога сте под самата маска.

Прилепската група „мечкари“ е формирана од касапите. Регистрирано славење на мечкарите е заведено пред Втората светска војна, поточно во 1929 година кога прв пат се забележани во пишаните извори. Во Прилеп „мечкарите“ се всушност касапите или месарите. Касапите биле неомилени меѓу двете светски војни затоа што тие се среќаваат со душите на животните кои ги убиле, кои ги заклале и во тоа време, според тоа народно верување, тие биле контаминирани со тие души. На тој начин таа класа се повлекува во себе и го гради тој обичај Прочка како еден еснафски празник. Празникот се славел мошне специфично, имале недела дена комплетен пост, конзумирале само алкохол, биле повлечени во пештери и таму имало табу за палење оган, значи воопшто не палеле оган и се доведувале во едно ритуално расположение. После седум дена после тој пост биле опасни. Дури и денес имаме остаток од тој обичај. Биле мошне опасни и по патот на луѓето што поминуваат им земале едноставно патарина, а ако сретнеле друга маскирана поворка настанувало тепачка до смрт. Постојат многу такви гробишта во Мариовскиот и во Пелагонискиот дел, каде што се среќавале две групи и на крајот имало и мртви во нивните судири.

Во минатото тие околу 4 наутро се собирале околу Зибиа, старата кланица и се облекувале во пресни кожи кои попатно требало и да смрдат. Само некои делови од кожите биле од пофина кожа, како кожа од лисица или штавено јагне и тие делови се користеле за покривање на главата. Се останато било од пресни кожи. Нивното облекување се нарекувало врзување и кога ќе се собереле во 4 часот наутро, секој кој доаѓал, прво имало ритуално обилно пиење, за да се дотераат во ритуален транс, а потоа следело безобразно зборување, така и се дочекувале меѓу себе, со пцовки.

Каспското оро постоело за да ги смирува да не прават многу бељи. Тоа им било еден начин на регулација на групата. Најстариот од нив кој ја носи кантата за собирање пари исто така многу го почитуваат. Со толку обилно пиење и со толку многу ритуално расположение седење на студено, навистина човек може да стане опасен во едно такво ритуално расположение.

Според антролозите, тоа е група која го глуми настанувањето на светот, од „хаосот“. Тие се една група на хаосот, од која се раѓа „поредокот“. По тип, тоа е приказна за настанокот на светот, онака како што го гледале наште предци.

Во денешно време, мечкарите се облекуваат во една куќа од еснаф на касап, и во 6 часот сабајле тргнуваат по куќите на касапите, ги канат луѓето на посен грав. Луѓето ги пречекуваат со ракија, храна и вино. На зборното место секогаш доаѓаат и свирачите. Се делат на две групи, едната група оди во правец на Варош, а другата накај Рид. Маската се состои од сурат и од кожа. Суратот е направен од чоја и од пулејки, а на него се ставаат опашки од коњ, рогови, се облекуваат во кожа, овча или јагнешка. Сите носат стапови, ѕвонци и клопотрци.

На овој ден нема пристојно однесување. Се губат социјалните функции. Постои општа амнестија за сите учесници. Прилепчани им плаќаат на „мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот.

Прочка за мечарките е светол ден, кој што не ставил маска, не знае како изгледа преправањето. Тој што ќе ја стави еднаш, ја носи засекогаш, велат тие.

Струмички карневал- славење на плодноста и на прочистувањето

Струмичкиот карневал, еден од најпознатите во земјава, претставува многувековен традиционален обичај, кој своите корени ги влече од пагански култ и во суштина го означува славењето на плодноста и на прочистувањето.

Крневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост.

Почетокот на постот, односно првите три дена се наречени тримерски денови и тие секогаш започнуваат од недела вечерта на Прочка и траат до среда, а во нивни рамки во вторник вечер е традиционалната карневалска вечер, кога маскирани групи шетаат низ градот и одат по куќите каде што има верени, армасани девојки и каде што остануваат до раните утрински часови.

Првите пишани извори за Струмичкиот карневал потекнуваат од 1670 година, од турскиот патеписец Евлија Челебија. Како еден показателен и симбол за древноста и старината на овој карневал е и фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите кои останале во употреба како облеки од кожа и рогови од разни животни, бик, прч, овен, како и алузијата на многуте сакатници со патерици кои се појавуваат на самиот карневал, се карактеристични само за неговата изворна паганска форма. Карневалот подоцна доживеал извесна трансформација во традиционална форма, но маските коишто сѐ уште ги паметат најстарите Струмичани се: невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците односно верените, поп кој ги благословува младите за среќа, благосостојба и слога во бракот, потоа ѓаволот, најчесто со рогови, со опашка од вол или некое друго животно и со вила во рацете, кого сите го бркаат, а чија симболика е бркање на сите лоши сили или влијанија кои би можеле да се појават и да им наштетат на младоженците. Многу честа маска се и мажи претворени во жени со изразени женски атрибути и обратно, со што се покажува најчесто кои физички особини сака мажот да ги поседува жената и обратно.

Друга одлика на традиционалната форма на карневалот е наследството на бројните еротски елементи, песните исполнети со еротски мотиви, содржини и зборови, препознавањето на момчето по големиот фалус, направен од шише или друг предмет и чијашто цел е дидактичка, односно упатување и припремање на невестата за идниот брачен и сексуален живот.

Тука се и музичките реквизити, односно музичките инструменти, гитара, армоника, дајре, кои секоја маскирана група што оди по куќите на армасаните девојки ги носи, на кои се свири и кои се неопходни за стварање на една општа веселба и расположение.

Во последните години карневалот има посовремена и модерна димензија, со некои влијанија од слични карневали во светот. Меѓутоа, традиционалниот карактер на карневалот и одењето по куќите на верените девојки како обичај останал. Преку шаренилото од бои, фигури и маски со различни мотиви и теми, учесниците на карневалот настојуваат да ја покажат вечната борба меѓу доброто и злото, реализмот и сарказмот, иронијата, сатирата и традицијата, полтронството и кариеризмот, власта и безвластието и сето тоа проследено со голема живост и динамика, карактеристична на струмичани. Маските се прават по избор на самите учесници. Секој учесник си избира своја тема и идеја за маскирање, додека групните маски се заедничка идеја на целата група. Од видовите на маски, најзастапени се антропоморфните, а се среќаваат и зооморфни и зооантропоморфни маски.

Бројот на учесниците на карневалот, како и бројот на посетителите, од година во година се зголемувал, а покрај локалните учесници, редовно учествуваат и гости од странство.

 

Редакција Трн

АКТУЕЛНО