Search
Search

ФОТО: Поштата е брза, само споро стигнува

Инспирирани од последните случувања во Македонска пошта, Центарот за современи уметности постави скулптура на полжав пред Поштата во Скопје со порака „Поштата е брза, само споро стигнува“.

– Идејата за акцијата „Поштата е брза, само споро стигнува“ е инспирирана од фактот дека иако веќе помина и 1 Април многу граѓани сè уште добиваат новогодишни честитки, а на некои и тие им доцнат. Состојбите во кои се наоѓа акционерското друштво во државна сопственост Пошта на Северна Македонија се повеќе од алармантни. Илјадници граѓани секојдневно лутаат по поштенските објекти и ги бараат своите препорачани пратки (сметки, казни за сообраќајни прекршоци, решенија, уверенија …), а откако нема да ги најдат се соочуваат со извршни решенија од извршителите. Од друга страна пак исто така илјадници граѓани со месеци ги чекаат и ги бараат своите платени нарачки од Ибеј, АлиЕкспрес, Амазон и слични страници за онлајн купување. Срамота е во 21 век да се губат пратки, да се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави меѓу кои некои се и наши стратешки партнери (минатата година неколку месеци беше невозможно да се испрати каква било пратка за САД) – велат од Центарот за современи уметности.

Тие додаваат дека сè на сè поштенските пратки на Македонска пошта се движат со брзина на полжав, токму затоа ја изработиле оваа скулптура, сакајќи да го потенцираат проблемот и да извршат јавен притисок за подобрување на состојбите.

– Истовремено, со оваа акција даваме поддршка и на синдикатот на поштенските работници кои пред скоро време штрајкуваа барајќи ги своите неисплатени плати како и реорганизација во работењето на претпријатието за да може граѓаните да добијат подобри поштенски услуги.

Акцијата е дел од програмата Урбани уметнички акции на Центарот за современи уметности, која на креативен начин ги комуницира и се бори за решавање на проблемите на граѓаните.

 

АКТУЕЛНО