Search
Search

Осми април, најважен ден на ромската историја

Осми април се обележува како Светски ден на Ромите. Во 1971 година се одржа првиот Светски конгрес на Ромите, од 8-12 април во Лондон. Еден од најважните историски датуми за ромската зедници, на конгресот се сретнаа претставници на Роми од 14 земји во светот.

На конгресот беа донесени неколку важни одлуки.

Знамето на Ромите (ромски: Ostuago le romengo) е меѓународно знаме на ромскиот народ. Знамето се состои од зелена боја, која симболизира земја, сината боја го симболизира небото, додека црвеното тркалото кој се наоѓа во средината на знамето ги преставува патувањата и миграцијата на Ромите.

Официјалната химна е Џелем Џелем што во превод значи (одев одев).

На првиот конгрес беше и за официјален прогласен ромскиот јазик (romani chip), како и терминот „ром“. Наместо различните називи за овој народ: „цигани“, „чингене“, „житан“, „ацинган“, „џипси“ и сл. Од овој ден во цел свет, овој народ почна да биде познат под името РОМИ (Ром на ромски значи човек).

На Четвртиот светски конгрес на Ромите, кој беше одржан во 1990 година во Полска, било решено 8- ми април да се прогласи за Светски ден на Ромите и секоја година да се одбележува во целиот свет.

Ромите се народ од индоевропско потекло, раселени се на секаде низ светот и немаат своја матична држава. Бројот на Роми е околу 12 000 000 некои тврдат дека овој број е е само во Европа. Најмногу Роми има во Турција, Романија, Шпанија, Унгарија Бугарија ги има и во останатите европски држави и ги има и во Америка.

Првите доселувања на Роми во Р.Македонија е од Средниот век XIV век.

Како се слави денеска овој ден

Денес на 8-ми Април се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, ден кој ги слави различностите, ромската култура и уметност, нивниот јазик и придонесот на Ромите во европската историја и општество и во исто време ја подигнува свеста за проблемите со кои тие се соочуваат.

На Меѓународниот ден на Ромите ја прославуваме различноста на оваа етничка заедница и се потсетуваме на нивната долгогодишна борба за подобар и подостоинствен живот.

Врз основа на Стратешката рамка за Ромите, што Европската комисија ја усвои во октомври 2020 година, изработен е Акциски план на ЕУ за борба против расизмот кој ги поставува основите за социо-економска инклузија на припадниците на ромската заедница, со поттикнување на еднаквост и нивно учество во општествените текови. Европскиот совет во март 2021 година ја усвои и Препораката со која земјите од ЕУ се обврзаа да спроведат конкретни мерки за намалување со нееднаквоста со која се соочуваат Ромите, да обезбедат недискриминаторски пристап за припадниците на ромската заедница до соодветни и десегрегирана живеалишта. Според правилата на Европската унија, политиките за еднаквост, инклузивност и учество на Ромите е во надлежност на земјите членки.

Во Македонија, Ромите беа впишани во Уставот пред 23 години, со што во континуитет се подобруваат можностите и правата на оваа етничка зедница. Сепак, факт е дека и покрај напредокот, Ромите во земјава се една од најранливите етнички заедници, кои се соочуваат со дискриминација во многу сфери на општественото делување.

-Во делот на образование се постигна многу со стипендиите за средно и високо образование. Таму се променија два клучни закони, Законот за средно образование и Законот за високо образование и за ученички стандард. И таму веќе има една јавна политика која што години наназад фукнционира и дава резултати. И сетот закони што обезбедија пристап до лични документи е едно добро позитивно системско решение, кое што треба да послужи како пример за сите позитивни модели, проекти, активности, интервенции кои што на проектно ниво се имплементираат и пополека стануваат дел од системот – вели Реџепали Чупи од Ромскиот Образовен Фонд.

Најголемо малцинство бо Европа

Ромската заедница како едно од најголемите малцинства во Европа, смета Чупи, заслужува поголемо внимание и поинаков пристап од тоа што досега беше. Меѓу најголемите предизвици за Ромите денес се добра здравствена заштита, образование, инклузија и вработување.

– Во однос на добрата здравствена заштита, Законот за здравствена заштита во Член 3, став 1 вика дека секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје, но за жал кога разговараме за Ромите законот не важи. Замислете 21век, 2024 година, а Ромите се соочуваат со тоа да немаат матичен лекар и гинеколог. Дури и нај едноставните работи за Ромите се далеку од возможни. Исто така невработеноста на Ромите е историски проблем во државата. Ромите процентуално не се застапени во државните институции и потребно е идната влада да даде приоритет на правичната застапеност во државните и локални институции. Исто така мора да најде и да се развие програма за Роми и Ромки кои не се биле дел од образовниот процес, за да бидат работно ангаржирани во државни, странски или приватни фирми во државата, во интервју за Трн изјави Кемал Сулејманов, од здружението „Аваја“.

Изминативе години во земјава започнаа нови иницијатви за подобрување на состојбата на Ромите, донесени се нови програми за стипендии, се направи нова Стратегија за Инклузија на Ромите 2020- 20230, а голем проблем беше решен и со Законот за лични документи кој овозможи многу лица токму од Ромска националност и по 20 и повеќе години да дојдат до документи.

-Законот за лична документација и овозможи не само на ромската заедница, туку и на другите заедници во државата да го искористат ова право. Законот го олесни процесот за лицата без документи да имаат пристап до нај едноставените човекови права во државата- смета Сулејманов.

Својата визија и приоритетите во политиката кои треба да ја подобрат состојбата на Ромите во земјава ја истакна и “Фондацијата Ромите за демократија” – членка на Европската мрежа “Фондација Ромите за Европа” на настанот “Добро за Ромите, добро за Северна Македонија” што неодамна се одржа во Македонската Филхармонија во Скопје.

Пораката од настанот беше дека треба да се зајакне гласот на Ромите во делот на политичкото учество и политичка едукација и да се работи на јакнењето на граѓанските и на политичките права на заедницата. Ромите имаат клучна и интегрална улога во обликување на европскиот наратив и во поттикнување на различноста и единството во земјава. Настанот уште еднаш послужи како доказ за клучниот придонес на Ромите во европската интеграција, нагласувајќи ја нивната улога во поттикнување на различноста и единството.

-Она што ние можеме е да им дадеме модели на владите за зајакнување на претприемништвото и економијата кај Ромите. Имаме за тоа успешни модели. Инијативата за ромски развој и претприемништво може и да даде експертиза на државата како ги укрупнува бизнисите и како да вработува Роми. Исто така имаме европска институција која се занимава со образование и вработување и која инвестираше во тоа денес во Македонија да има повеќе од 2000 високо стручно образувани Роми кои се работен потенцијал за оваа држава генерално. Институт за Европска Ромска Култура може да помогне во значајна мера посебно на Балканот каде државите и понатаму користат политка на омраза, насилство и етнички национализам за да прават раздор меѓу нас, порача Менсур Халити на настанот “Добро за Ромите, добро за Северна Македонија”.

Пораката е идната влада да се фокусира на подобрување на состојбата на Ромите во државата, преку почитување на стратешките документи кои се наменети за Ромите, како што е Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030. Исто така, барањата се идната влада да даде приоритет во новиот владин состав да има Роми, во првиот, вториот и во третиот ешалон. Да има Роми кои ќе бидат назначени како министри, заменик министри и директори.

На правата на Ромите во земјава и во Европа треба доправа да се работи. Меѓународниот ден на Ромите, нека биде само еден потсетник за нивната значајна улога во европското семејство на народите.

 

 

АКТУЕЛНО