Search
Search

Приватните превозници тврдат дека ЈСП не им платил од декември, долгот стасал до 2 милиони евра

Дали на ЈСП му недостигаат само автобуси или и возачи? Зошто не се исплаќа редовно плата и покрај големите субвенции од Градот? Колку им должат да приватните превозници и зошто не им се исплаќа за извршената услуга редовно? Многу отворени прашања, на кои засега нема одговор, пишува „Слободен печат“.

Не престануваат маките на скопјани со јавниот градски превоз. Во некои делови на градот автобусите се нередовни или воопшто ги нема во утринските часови, па луѓето не знаат како да стигнат на работа или во училиште. Според граѓаните системот по кој возат, односно не возат автобусите изгледа отприлика вака – неколку дена наутро нема 23 и 45, па од Ченто до центарот на Скопје не може да се стигне поинаку, освен да се потроши сериозна сума пари на такси поради утринскиот сообраќаен метеж. Потоа, неколку дена нема 12 – ка, едноставно не тргнува од Шишево, па потоа се прескокнуваат сатници за тргнување на 22-ка од Волково, па на ред се автобусите што возат на линија 24 од Припор, која е единствена линија од оваа населба кон центар, со крајна дестинација во Тафталиџе. И не се случува ова само на овие линии, туку секојдневно проблеми има во различни делови на градот.

Интересно е што во прескокнувањето, односно непочитувањето на возниот ред предничат приватните превозници, чие незадоволство во изминатиот период сѐ повеќе се зголемува. Еден од возачите со кој поразговаравме раскажува дека ситуацијата им е тешка затоа што ЈСП „Скопје“ не ги исполнува договорените обврски кон нив.

Од декември не ни се исплатени средствата за јавен превоз на патници, ЈСП веќе ни должи околу два милиони евра. Нафта не можеме да купиме! Одржуваме состаноци меѓу нас, приватните превозници, и се договараме што да преземеме понатаму. Едно од решенијата е во знак на протест да не возиме во прва смена. Некои колеги, како што слушам, веќе почнале самоиницијативно да прескокнуваат линии во утринските часови – објаснува нашиот соговорник.

Од ЈСП „Скопје“ нема ниту потврда ниту пак се негира ваквото тврдење на приватниците. Неофицијално дознаваме дека и ЈСП нема доволно гориво, а дека нередовно се подмируваат и обврските кон фирмата која ги одржува валидаторите во автобусите, па наводно токму на тоа се должи привременото исклучување на валидаторите, за што се сведоци патниците кои редовно користат градски превоз. И од Град Скопје не одговараат на прашањата за состојбата во јавното сообраќајно претпријатие.

Дека ситуацијата е исклучително тешка во јавното градско претпријатие потврди и дискусијата на советникот од ВМРО-ДПМНЕ Филип Јаневски кој, на последната седница на градскиот Совет нагласи дека иако во јануари годинава на ЈСП му се дадени субвенции од 11 милиони евра, наменети пред сѐ за плати, веќе платата за март им се исплатила на 30 април. А ако земат навреме плата, тогаш, како што рече, немаат нафта.

На една од последните седници беше дискутирано и за поднесената иницијатива за решавање на проблемот со автобусот на линија 32 кој сообраќа до село Љубин во општина Сарај. Како што беше речено, автобусот не вози до крајната дестинација и ги остава патниците во Сарај, па луѓето мораат пеш да се снаоѓаат за да стигнат дома, а тоа не е многу куса релација. Покрај тоа, автобусите на оваа линија се нередовни или како што беше посочено, не се почитува ниту возниот ред ниту дестинацијата.

Директорот на ЈСП, Крсте Петревски се согласи дека постои проблем на оваа линија на која, според него поради еден подвозник можат да се движат само ниските, а не и двокатните автобуси. Но главен проблем е што претпријатието нема доволно автобуси.

За да се реши проблемот и на оваа и на други линии, изгласајте ја одлуката за кредитно задолжување за нови автобуси и сите овие проблеми ќе се решат веднаш. Имаме недостиг на автобуси. На линија 32 сообраќаат два автобуси, тоа се „лас“ автобуси, стари по 13 години и многу често се случуваат дефекти. Да, има проблеми, има промашување понекогаш. Решението е да се набават нови автобуси – се обрати Петревски на седницата.

Но дали на јавното претпријатие му недостигаат само автобуси или и возачи? Зошто не се исплаќа редовно плата и покрај добиената огромна сума субвенции од Градот? Колку им должат на приватните превозници и зошто не им се исплаќа за извршената услуга редовно? И уште многу прашања, на кои засега нема никаков одговор и објаснување.

Решение за секојдневните маки на граѓаните по автобусите нема да има наскоро. Ним им преостанува само да чекаат на постојките и да се надеваат дека оној автобус што го чекаат да ги однесе во посакуваната насока дента ќе го почитува возниот ред.

АКТУЕЛНО