Search
Search

Дел од училишните дворови во Тетово и летово ќе се користат како паркинзи

Дворовите на двата објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ и три освновни училишта во Тетово од вторник ќе служат за паркирање возила, информира Општина Тетово. Бесплатното паркирање во училишните дворови кое е пракса на сегашната и претходната локална власт, се овозможува, како што велат оттаму, со цел да се олесни сообраќајот кој се зголемува во текот на летото.

„Општина Тетово ги известува сите граѓани дека, почнувајќи од 18 јуни (вторник), дворовите на основните училишта ‘Истикбал’, ‘Лирија’, ‘Гоце Делчев’ како и двата објекта на Гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’ ќе бидат отворени за паркирање возила. Паркингот ќе биде бесплатен. Ова ќе го олесни сообраќајот во текот на летото кога нашите иселеници доаѓаат на одмор и имаме поголема посетеност“, се вели во соопштението за јавност.

Од Општината апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да не ги блокираат постројките на јавниот превоз и да го користат градскиот автобус за, како што велат, да се намали аерозагадувањето и да не се предизвикува сообраќаен хаос.

Инаку, според достапните податоци Јавното претпријатие „Градски паркинг“ Тетово менаџира со околу 500 места во зонско паркирање и четири затворени паркинзи со околу 280 паркинг места.

 

АКТУЕЛНО