Летовите за депортација во Албанија зачестија откако земјата потпиша заеднички договор за соработка со Британија во декември минатата година, за да се „одврати и попречи илегалната миграција“.
Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство соопшти дека оттогаш се вратени повеќе од 1.000 луѓе: околу половина од нив се вратени доброволно, другите се комбинација од неуспешни баратели на азил и странски престапници.

Би-би-си минатиот месец разговарало со десетици луѓе на неколку од овие летови за депортација и открило дека повеќето дошле од затвори во Велика Британија.

На некои им биле понудени пари за да се согласат да бидат депортирани и биле ослободени од затвор пред да ја отслужат минималната казна, според постоечкиот модел што се користи за странски престапници.

Албанската полиција потврди дека мнозинството од насилно вратените оваа година биле осудени за злосторства во Британија.

„Службеникот за имиграција дојде да нѐ види“, рече тој. „Тие прашуваат дали сакате да се вратите (во Албанија) или да останете во Британија. Објаснија дека ако се вратиме, ќе ни одбијат една година од нашата казна“, рекол еден од осудениците, кому му биле понудени 1.500 фунти финансиска поддршка за да се врати дома, според посебна програма наречена Шема за олеснето враќање (ФРС).

Во документот на британската влада јасно се наведува дека моделот е „финансиски поттик“ што им се нуди на странските затвореници „под услов да соработуваат при депортацијата и да се откажат од своето право на жалба против неа“.

Би-би-си побарало од Министерството за внатрешни работи да потврди колку Албанци биле депортирани во рамките на ЕРС од почетокот на минатата година и колкумина од нив добиле пари за да соработуваат, но им било кажано дека не ги објавуваат тие статистики.

Неколкумина од депортираните осуденици рекле дека планираат за неколку недели или дури денови да се вратат во Британија, и покрај, како што многумина го опишаа, новиот тврдокорен пристап на тамошната полиција.

„Сега ги собираат Албанците“, рекол еден човек. „За Албанците е многу тешко да останат во Британија бидејќи полицијата ве запира на пат. Сега не нѐ сакаат.“

Тој рече дека бил вратен назад во Албанија откако полицијата го запрела автомобилот во кој се наоѓал и открила дека е без документи.

Тој сѐ уште планира да се врати.

Друг човек рекол дека веќе три пати одел напред-назад во Британија. „Тоа не е проблем за мене“, рече тој. „Ќе се вратам кога сакам.“

Трет човек, кого Би-би-си го нарекува Азем, им рекол на имиграционите службеници дека избегал од Албанија откако членови на банда му ставиле пиштол на глава и му се заканиле дека ќе го убијат поради неговите политички активности.

Минатиот месец против негова волја бил вратен назад во Албанија.

„Се плашам бидејќи истата ситуација може да се повтори“, рече тој. „Си молчам, не се смеам, под стрес сум и цело време ми се тресе телото, не спијам многу.“

Извештајот од психолог во Британија, поднесен непосредно пред депортацијата на Азем, предизвикал загриженост дека тој можеби доживеал психолошка тортура во Албанија.

Во одговорот на Министерството за внатрешни работи се вели дека неговите искуства веќе биле разгледани во неговото барање за азил и дека одлуката е непроменета.

Албанците слободно се движат во земји како Франција и Белгија, кои нудат лесна отскочна штица преку Каналот.

Албанската полиција неодамна ги засили проверките на граничните премини во земјата, за да ги фати депортираните на црната листа што се обидуваат да се провлечат.

Зголемената соработка меѓу Британија и Албанија се совпаднала со остриот пад на бројот на Албанците што пристигнуваат со мали чамци; само 29 биле откриени во првите неколку месеци од оваа година.

Би-би-си го прашало албанскиот министер за внатрешни работи Бледар Чучи што прави неговата земја за да ги спречи неодамнешните депортирани едноставно да се вратат во Британија.

„Не е можно да се стави чип во сите за да се следи каде одат“, рекол тој. „Ако има луѓе со криминално досие, особено во трговија со луѓе, тогаш полицијата ќе биде на штрек. Но генерално, луѓето што се враќаат се слободни граѓани во Албанија.

Но заедно со работата на илегалната миграција, рекол тој, двете влади треба да работат на легалните патишта за албанските граѓани да стигнат до Британија.

„Јас ѝ предложив на мојата колешка, (министерката за внатрешни работи на Британија) Суела Брејверман, дека треба итно да ги легализираме сите Албанци што чесно работат во Британија и немаат криминално досие“, додал Чучи.

Во локалниот парк во центарот на Кукс, бабите и дедовците ги гледаат малите деца како играат фудбал под планините покриени со снег, додека истополови групи тинејџери шетаат по патеките, вели Би-би-си.

Локалните жители велат дека некои деца овде велат дека сакаат да бидат мигранти кога ќе завршат училиште.

Во една верзија од албанската иднина, британските туристи би можеле да нагрнат таму, маѓепсани од прекрасниот пејзаж на овој регион.

Но, како што ќе ви кажат многу млади овде, иднината не се случува во Кукс. Таа се случува во Британија.