Search
Search

Дали ги разликувате населбите Лисиче, Ново Лисиче и Горно Лисиче?

Селото и населбата Лисиче се наречени според малото место Лисичка, каде што почнале да се градат првите куќи на  Горно Лисиче. Но, во 1900 година надојдените води на Маркова Река ги поплавиле нивните куќи, па жителите се повлекле погоре во месноста каде што имало лисици и која била наречена Лисичка. Жителите малку го измениле името на новото место за живеење и ги нарекле Лисиче.

Инаку денес Лисиче е урбанизирана населба во источниот дел на градот Скопје, на 4 км оддалеченост од центарот на Скопје. Се наоѓа на десниот (јужниот) брег на реката Вардар. На исток Лисиче се граничи со Горно Лисиче, на север со Реонски Центар, на северозапад со населбата Аеродром и на запад со населбата 11 Октомври.

Лисиче почнало да се гради како бараки после земјотресот во Скопје во 1963 година. Населбата била наменета за скопјани, кои им биле урнати домовите. Потоа скопјани се вратиле во новоизградените станови во Скопје. По отселувањето на скопјани, луѓето од внатрешноста започнуваат да се доселуваат во овој дел.

На територијата на населбата Лисиче се наоѓа ОУ „Димитар Македонски“. Училиштето било основано во 1964 годинa и го носело името ОУ „Сава Ковачевиќ“. Истото било изградено по земјотресот како училиште од монтажен тип, и било донација од Република Франција. Во 2020 започнала неговата реконструкција.

Во населбата има детска градинка „Буба Мара“ која работи во два клона – клон “Пчелка 1“ кој се наоѓа на улицата „Грамос“, блиску до трговскиот центар и вториот клон “Пчелка 2“ кој е понов објект и се наоѓа на улицата „Аврора“, на влезот во населбата. Во градинката престојуваат 275 деца. Во текот на 2012 година се извршила реконструкција на покривот, прозорците и на санитарните јазли.

Во центарот на населбата, се наоѓа зградата на Секторот за прекршоци – Полициската станица „Лисиче“. Овој објект во минатото бил полициски интернат.

Во населбата работи и библиотеката „Рајко Жинзифов“ како подружница на Градска библиотека “Браќа Миладиновци“ – Скопје.

НОВО ЛИСИЧЕ

Населбата Ново Лисиче е изградена во периодот од 1985 до 1990, во атарот на тогаш селото Горно Лисиче. На местото на денешната населба се наоѓала најплодната алувијална рамнина во Скопската Котлина, на која наместо пченица никнале згради. Основни фирми кои ја граделе населбата биле Бетон, Маврово и Гранит.

Населбата порано припаѓала кон Општина Кисела Вода, но со Законот за новата територијална поделба во август 2004 година е создадена новата Општина Аеродром и населбата потпаднала кон новосоздадена општина, створена на 12 април 2005 кога за првпат била одржана седница на Советот на општината.

Населбата се наоѓа на десниот брег на реката Вардар. На исток се граничи со Горно Лисиче, на запад со населбата Јане Сандански и Аеродром, на југ со Реонски Центар, а на север се допира до брегот на Вардар.

Како пооддалечена населба од средиштето на градот, а со голем број на станбени згради и жители, кон Ново Лисиче водат многу автобуси како 3, 3А, 3Б, 15, 15А, 5, додека автобусот 23 го обиколува цело Ново Лисиче бидејќи населбата има облик на квадрат. Со Центар и западниот дел на Скопје (Карпош, Ѓорче Петров) е поврзана со булеварот „Јане Сандански“ кој преку населбите Аеродром и Јане Сандански оди кон Центар, а кон Маџари, Автокоманда и Индустриската зона води мостот „Тодор Александров“/„Близнаци“.

Во Ново Лисиче водат два главни булевари, и тоа „АСНОМ“ и „Видое Смилевски-Бато“. Булеварот „Видое Смилевски-Бато“ потоа преминува во булеварот Јане Сандански. Двата главни булевара се разгрануваат во многу улички и паркинзи кои ја сочинуваат патната инфраструктура на Ново Лисиче.

Ново Лисиче е урбана населба составена исклучиво од станбени згради со оглед на тоа има голем број на жители и има разни демографски движења.

Според пописот од 2002, населбата Ново Лисиче била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Острово. Во таа статистичка целина живееле 72.009 жители од кои 96% биле Македонци, 2% Срби и 2% други народности како Роми, Турци и Власи.

Според некои проценки и пописни списоци за Скопје (во периодот на првата половина на 2000-тите), Ново Лисиче имало околу 17.200 жители од кои 97,5% се Македонци, 1% Срби, 0,5% Албанци и 1% други. Младо население во Ново Лисиче имало од 32-34%, наталитетот е со средна големина (исто бил како во Капиштец), а миграционите движења се сѐ уште големи како внатрешните од други скопски населби така и од другите делови на Македонија многу луѓе се доселуваале и отселувале од Ново Лисиче. Вработеноста била околу 81%, а писменоста на населението околу 94,8%.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, населбата Ново Лисиче била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Горно Лисиче, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Острово, Реонски Центар. Таа статистичка целина имала 75.108 жители.

Табела на народносната структура на населението:

Македонци 63.764
Албанци 850
Турци 464
Роми 459
Власи 651
Срби 2.125
Бошњаци 403
Други 6.392

ГОРНО ЛИСИЧЕ 

Горно Лисиче (познато едноставно и како село Лисиче поради поранешниот статус на рурално населено место) е населба и предградие во Општина Аеродром во градот Скопје.

Горно Лисиче е голема населба во рамничарскиот дел на Скопското Поле во алувијалната рамнина на реките Вардар и Маркова Река. Населбата се наоѓа на 5 километри источно од центарот на Скопје. Расположено е на десниот брег на реката Вардар и непосредно до вливот на Маркова Река во Вардар.

Граничи со населените места Долно Лисиче на исток, Пинтија на југ, на запад со Ново Лисиче, Реонски Центар и Лисиче и на север граничи со реката Вардар. Низ Горно Лисиче тече Усјанскиот Канал, кој потоа се влева во реката Вардар.

Во минатото, Горно Лисиче било дел од областа наречена Слив на Маркова Река, површина која па била поделена на Долни Села, Горни Села, и Каршијак. Горно Лисиче спаѓало во Долни Села заедно со Долно Лисиче, Морани, Студеничани, Драчево, Љубош, Батинци, Дрежница, Варвара и Сушица.

Името на селото Лисиче спаѓа во онаа група населени места кои влечат корен од животинскиот вид лисица. Според старите преданија, кои во текот на генерациите се пренесувале меѓу жителите на Горно Лисиче, на просторот кадешто сега се наоѓа населбата, некогаш имало многу лисици. Во тоа време селото се наоѓало на околу 700 метри подалеку од сегашната населба, покрај самата утока на Маркова Река во Вардар. На сегашното место на населбата имало ниви и ледини. Затоа лисиците тука во голем број живееле и крстареле во потрага за храна по околните селски населби. Целата област (каде што се наоѓаат Горно и Долно Лисиче) луѓето ја викале лисичка земја.

Оваа верзија ја прифатил и етнографот д-р Јован Хаџи Васиљевиќ. Тој во врска со ова го запишал следново:

„Селата (во скопска околија, н.з.) коишто добиле име по разни животни се следниве: Кози Дол, Враништа, Песја Чука, Кучково, Орланци, Лисиче, Лисичка Дупка, Пиштиорли, Вучи Дол, Кокошињец, Вучило Веки (Бардовци), Пужавина, Чавчини итн“.

Со научното истражување на д-р Љубива Станковска се потврдило фактот дека името на селото потекнува од зоонимот лисица. Според неа:

„Тоа е етничко име добиено со топонимизација на некогашниот етник во множина лисичани, образуван од постарите топоними Лисича (Планина), Лисиче (Место) со етничката наставка – ани, непалативната варијанта на наставката – јани. Придавните компоненти Лисича, Лисиче се образуваат со придавната наставка – јь, а во основата се наоѓа апелативот лисица (Canis vulpes).

Наполно идентичен ојконим е името на исчезнатото село Лисичане (Скопско). Основата на името на селото Лисиче обично се изведува од зоонимот лисица. Село Лисиче има и во Велешко.

Ојконимот Лисиче претставува елиптично име добиено со супстантивизација на придавката од постарата синтагматска форма Лисиче (село), а при неговото образување учествувала придавната наставка – јь, во формата за се. р.-је.

Бидејќи во именскиот фонд на словенските јазици името на животното е познато и како лично име, при објаснувањето на етимологијата на овие топонимски единици може да станува збор и за изведување од личното име Лисица“.

Првите пишани извори за Горно Лисиче потекнуваат од почетокот на XIV век, односно од 1300 година. За првпат селото со името Лисиче (но не е сигурно дали тогаш физички претставувало една населба со Долно Лисиче) се споменува во повелбата на српскиот крал Милутин (1282-1321), издадена на обновениот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. Со оваа повелба српскиот крал му подарува имот на манастирот „Св. Ѓорѓи“. Во оваа повелба се наведува патот кој води во Лисиче, а доаѓал од Скопје.

За патот кој водел во Лисиче во своите проучувања напишал и Миодраг Пурковиќ. Тој во својата опсежна студија за пописот на селата рамките во средновековната држава, објавена во 1940 година, за селото Лисиче го запишал следново:

„Лисиче, во 1300 година се споменува патот кој води во село Лисиче, денес Горно и Долно Лисиче во Скопје“.

Името Лисиче, односно Лисичани (можеби се однесува на исчезнатото скопско село Лисичане) е документирано и во грамотата на Михаил IX Палеолог од 1299 со која се подаруваат имоти на Манастирот „Св. Никита“ кај Скопје, како и во преводот на грамотата на Андроник II Палеолог за истиот манастир од 1299-1300 година, дополнета со Милутиновата грамота од 1308 година, со која се потврдени приложувата и дарувањата на римскиот цар Андроник II Палеолог на тој манастир на Скопска Црна Гора.

Во Османлиски период името на селото било Акбаш, што е раса на турско куче, до периодот пред 1800 г., а причината за ова е што важело за сточарско и овчарско село што било во добар дел населено од Турци. Со почетокот на миграцијата на денешните староседелски родови во селото, името се вратило во Лисиче.

Географот и етнолог Јован Трифуноски во книгата „Слив Маркове Реке“ дава податоци според кажувањата на селаните. На почетокот на XVIII век, населбата страдала од колера. Сепак, и до денес постојат голем број на староседелци кои живеат повеќе векови во населбата. После колерата започнале доселувања од другите предели на Македонија и тоа Овче Поле, Прилепско, Велешко и скопските села под Китка.

Во 2009 година, Министерството за транспорт и врски преку јавно наддавање продало 13 јавни градежни парцели што се наоѓаат на територијата на Горно Лисиче, на кои дотогаш според деталниот урбанистички план требало да се градат станбени згради, големи трговски единици и деловни градби. Од продажбата на ова земјиште државата инкасирала околу 2,2 милиони евра. Согласно јули 2022 година, на тој појас се наоѓаат 24 станбени згради и една деловна зграда.

Горно Лисиче од одамна било поголема селска населба во Скопската Котлина, но по Втората светска војна и забрзаната индустријализација на непосредната околина (изградбата на фабриките: ОХИС, Хемтекс, Стакларница, Цементарница, ТИПО), започнува огромен доселенички бран на луѓе од цела Македонија. Поради големиот број на жители, Горно Лисиче е второ населено место по големина надвор од потесното градско подрачје на Скопје, по Драчево.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, населбата Горно Лисиче одново не била независна статистичка единица и била статистички споена (под статистичкиот назив Скопје – Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Ново Лисиче, Острово, Реонски Центар. Таа статистичка целина имала 75.108 жители.

ДОЛНО ЛИСИЧЕ

Долно Лисиче  е село во Општина Аеродром, во околината на градот Скопје, а се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Аеродром и практично е приградска населба на Скопје. Расположено е на десниот брег на реката Вардар на 4 км. југоисточно од вливот на Маркова Река во Вардар. Граничи со населените места Подстаница и Драчево на југ, Горно Лисиче на запад и Јурумлери на север и воедно на спротивниот лев брег на Вардар.

Селото за првпат се споменува во римските повелби од XII век, но не е сигурно дали тогаш претставувало една населба со Горно Лисиче. Географот и етнолог Јован Трифуноски во книгата „Слив на Маркова Река“ (српски: „Слив Маркове Реке“), дава податоци според кажувањата на селаните. Некаде на почетокот на XVIII век селото страдало од колера. После ова има доселувања од другите предели на Македонија и тоа Овче Поле, Врање и селата под Китка. Во османлискиот период селото било чивчиско со околу 30-тина куќи. Во нив православните Македонци живееле во семејства од по 20-на луѓе. Имало и три османлиски кули кои биле растурени по Балканските војни. До тоа време селото немало вистинска црква туку само мала градба од плетер. Малата црква „Св. Троица“ била срушена во 1980-тите години, а во 1991 година, нејзино место бил изграден нов храм. Во селото има масовно доселување помеѓу 1970-2006 кое уште трае и тоа главно од селата на реката Бабуна, Крива Паланка и Босилеград.

Во XIX век, селото било дел од Скопската каза, во Отоманското Царство.

 

 

АКТУЕЛНО