Search
Search

Скопје се сеќава на земјотресот што ги потресе срцата на скопјани

Секогаш кога се споменуваат земјотресите, срцата на скопјани забрзуваат и се буди чувството на страв. Спомените од разрушувачкиот земјотрес што го погодил пред 60 години, сè уште се длабоко втиснати во нашите сеќавања.

Иако поминало повеќе од половина век, граѓаните на Скопје, кои го преживеаја земјотресот, сè уште се сеќаваат на 26 јули кога во 05:17 часот наутро ги разбудиле потресите, а нивниот град бил во голема мерка срушен.

Катастрофалниот земјотрес го срушил градот, но не и надежта на скопјани дека повторно ќе го изградат својот град.

Земјотресот во Скопје

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала, кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4.000 граѓани.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.

Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Вкупно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тоа да се изгради повторно, па поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.

Н. Абдурахмани

АКТУЕЛНО