Search
Search

Се продаваат старо железо, ИТ-опрема, ПВЦ и метални контејнери

Јавното претпријатие Комунална Хигиена продава старо железо, ИТ-опрема, ПВЦ и метални контејнери и, преку оглас, прибира најповолни понуди. Од претпријатието информираат дека на продажба се 282 метални и 499 ПВЦ-контејнери.

– Од 282 метални контејнери, 255 се од 1,1 кубен метар, додека 27 се од 5 кубни метри. Додека од 499 ПВЦ-контејнери, 404 се од 1,1 кубен метар, 78 од 3,2 кубни метри, 11 се мали канти и 4 се од 2,6 кубни метри. Освен тоа, ќе се продаваат и четири принтери, 19 компјутери, 10 монитори и 10 лаптопи, како и една компјутерска конфигурација – информираат од ЈП Комунална Хигиена.

Расходуваните средства, кои се предмет на продажба, ќе бидат изложени во просторот на Комунална Хигиена, и тоа: старото железо од расходуваните транспортни средства и работни машини, опрема за комунален отпад – метални контејнери во рециклажниот двор во Карпош и во „Вардариште“, ПВЦ-контејнерите на локалитетот Пролетер и рециклажниот двор „Вардариште“, додека ИТ-опремата и електронскиот отпад, исто така, на локалитетот Пролетер и рециклажниот двор „Вардариште“.

Почетната цена на старо железо од расходуваните транспортни средства и работни машини, опрема за комунален отпад – метални контејнери е 9 денари за килограм, за ПВЦ-контејнерите е 6 денари за килограм, додека на ИТ-опремата, како електронски отпад, е 1 денар за килограм. Во цената не е пресметан ДДВ. За најповолна понуда ќе биде избрана онаа со највисока цена за секоја група поединечно.

ЈП Комунална Хигиена ќе склучи договор со понудувачите што понудиле највисока цена за секој група поединечно, во кој ќе се утврдат начинот и времето на подигање на купената стока, како и начинот на уплата на вредноста на стоката, кој не смее да биде подолг од 15 дена од денот на изборот на понудувач со највисока цена. Доколку најповолниот понудувач не склучи договор во предвидениот рок, го губи правото на потпишување договор, а ЈП Комунална Хигиена ќе му понуди склучување договор на второрангираниот понудувач.

АКТУЕЛНО