Search
Search

„Охридски староградски средби“ по 35-ти пат

Осум пејачки групи, ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија ќе учествуваат на годинешното 35-то издание на фестивалот „Охридски староградски средби“ што утревечер ќе се одржува во Охрид.

Вљубениците на староградскиот мелос ќе имаат можност да ги проследат настапите на градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, КУД „Пере Тошев“ од Прилеп, Ансамблот за народни песни „Вања Лазарова“ од Скопје, КУД „8 Октомври“ од Крива Паланка, ВИС „Распеани Радовишани”, потоа групата „Распеани Штипјани“, КУД „Нуко Пусоски“ од Кичево, КУД „Распеани Гевгеличани“ и охридскиот фоклорен ансамбл „Бисери“.

Фестивалот ќе се одржи пред платото на НУ Центар за култура „Григор Прличев, со почеток од 19 часот.

Фестивалот „Охридски староградски средби“ е основан со цел афирмирање на вредностите на староградскиот мелос, но и зачувување на музичките посебности и песни карактеристични за градовите во Македонија, кои со децении се препејувале и на тој начин пренесувале низ генерациите.

„Охридските староградски средби“ се реализираат со финансиска поддршка на Министерството за култура. Фестивалот првпат се одржа во 1975 година и традиционално се одржуваше секоја година до 1996 година. По 11-годишен прекин манифестацијата пред 15 години повторно беше обновена, меѓу другото, како обид за продолжување на културна понуда на градот за време на сезоната на негова најголема посетеност.

АКТУЕЛНО