Search
Search

Пристапни рампи и адаптирани тоалети за учениците со попреченост во најголем дел од училиштата што се реновираа летово

Во најголем дел од училишните објекти кои во летниот период се реновираа, изградени се пристапни рампи и адаптирани тоалети за учениците со попреченост, соопштија од Министерството за образование и наука и велат дека се завршени градежните активности во 40-те училишта каде летово се работеше на подобрување на санитетско – хигиенските услови и на пристапноста за учениците и лицата со попреченост.

Некаде пак, се реконструираа постојните тоалети, подовите и воопшто внатрешноста на објектите, вклучително и училниците.

Овие училишта се дел од поширок план за унапредување на условите за следење на наставата и за подобрување на пристапноста во вкупно 118 училишни објекти, за што обезбеден е буџет во рамки на проектот за унапредување на основното образование, кој се финансира со средства од Светска банка, наведува Министерството.

Од МОН најавуваат и дека активностите до целосна реализација на инвестицискиот план ќе продолжат следната календарска година, со рамномерен опфат на училишта од сите општини во државата.

Подобрувањето на инфраструктурните услови, заедно со замената на наставните програми и набавката на нови учебници, како и подигнувањето на мотивацијата на наставнциите за работа преку повисоки лични примања и можности за професионален и кариерен развој, се дел од поголема стратегија на МОН за унапредување на квалитетот на основното и средното образование, усвоена преку широка јавна дебата и со согласност од сите засегнати чинители, се вели во соопштението.

АКТУЕЛНО