Search
Search

ЦИВИЛ на Меѓународниот ден на мирот: Мирот во светот ќе добие шанса кога Русија целосно ќе замине и ќе одговара за геноцидната војна против Украина

Втора година по ред, во услови на брутална и геноцидна руска воена агресија против независна, демократска и мирољубива Украина, се одбележува Меѓународниот ден на мирот. Темата на Обединетите Нации оваа година е „Акции за мир: Нашите амбиции за #ГлобалнитеЦели“, всушност, не ја отсликува мрачната реалност што на светот му ја наметна Кремљ.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани, своите членови, поддржувачи, активисти, волонтери, како и граѓанските здруженија, политичките субјекти, да им се приклучат на сите мирољубиви луѓе ширум светот во одбележување на Меѓународниот ден на мирот со повици за мир, но и за правда во светот.

ЦИВИЛ повикува на целосно повлекување на руските воени сили, до последниот војник и платеник, а потоа и целосно ќе се соочи со меѓународната правда за деструкцијата, воените злосторства и геноцидот што го спроведува против Украина.

На Меѓународниот ден на мирот мора да се потсетиме колку лесно може да се наруши и распадне мирот во светот и да предизвика ужасни разурнувања и страдања. Руската агресија врз Украина ги дестабилизира светскиот мир и демократијата преку хибридните напади, уцената со енергенси и со храна, со жестоки пропагандни кампањи и дезинформации. Со тоа, Кремљ се обидува да ги скрие неизмерните насилства и очигледната намера за истребување на украинската нација, за што отворено и гласно говорат пропагандистите во руските државни медиуми.

Воената агресија против Украина, како и сите воени и други конфликти на било која точка во светот, ја наметнуваат потребата од обединување против злото. Секој човек има обврска да застане во одбрана на правото за мирно и достоинствено живеење во демократски и праведни општества каде поделеноста, омразата, насилството, борбата за власт и моќ на сметка на човековиот живот и достоинство ќе бидат отфрлени и остро осудени. Сторителите на злосторства против човештвото и архитектите на злото, деструкцијата и геноцидот мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

Тоа е човечка и цивилизациска обврска!

Со силна поддршка за Украина и украинската нација, ЦИВИЛ повикува на обединување на светот во заложбите за ставање крај на руската агресија и обнова на мирот и стабилноста на Украина. Многубројните изгубени човечки животи да бидат и последни што ќе сведочат за хоророт и деструкцијата што војната ги носи со себе.

ЦИВИЛ стои на ставот дека мирот, слободата и еднаквоста се вредности кон кои се стремат и граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, како и нејзините демократски институции. Тие вредности треба сите заеднички секојдневно да ги вреднуваме и промовираме. Негувајќи го мултикултурализмот наспроти меѓуетничките и другите конфликти, промовирајќи ги заложбите за европските и цивилизациските вредности, наспроти националистичките наративи, дезинформациите и пропагандата, заеднички ќе се извојува битката за демократско и праведно општество.

ЦИВИЛ – Центар за слобода, уште од основањето на организацијата во 1999 година, во својата визија и мисија го промовира мирот и демократијата, свет во кој луѓето ќе живеат мирно и достоинствено. Во своите темели, организацијата бескомпромисно и во целост ги вгради заложбите за општество каде што човековите права и слободи ќе се почитуваат во целост, култот кон оружјето и насилството ќе биде надминат, а дискриминацијата, нееднаквоста, омразата, предрасудите, национализмот ќе бидат само мрачна епизода на минатото.

ЦИВИЛ

АКТУЕЛНО