Search
Search

При крај санацијата на тротоарите на мостот „Обединети нации“, Шилегов ќе правеше нов

Без најава од Град Скопје, кој надлежен за санација на мостови, работите, односно асфалтирањето на тротоарите во двата правци се случува последниот месец, а денеска се гледа крајот.

Информации за ова има само од ЈП „Улици и патишта“, од каде пред 20 дена соопштија дека поради санација тротоарот на мостот „Обединети нации“ во насока од Влае кон Карпош ќе биде затворен за движење за пешаци.

Како што посочија, на тротоарот се изведуваат градежни активности за санација, за што е поставена и соодветна сообраќајна сигнализација, а тротоарот ќе биде затворен за движење за пешаците до завршување на градежните активности.

ЈП „Улици и патишта“ – Скопје апелираше и до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот.

Ваквиот апел е сосема оправдан, ако се знае дека едната коловозна лента е зафатена од возилото кое го доставуваше асфалтот за тротоарите.

За овој мост, многупати досега алармираа и експертите, кои велеа дека е во лоша состојба, а професорот на Градежниот факултет Горан Марковски сугерираше дека едниот крак на мостот треба да се урне, но претходно да се направи паралелен мост според современи стандарди, за да се реизгради кракот.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, пак, пред две години најави дека мостот потполно ќе се урне за да се изгради нов, додека планираше да го реализира БРТ системот за јавен превоз, за што се обезбедија и пари од ЕБОР. Новиот мост требаше да има можност да ги прифати новите брзи автобуси.

Сепак, бидејќи, од БРТ системот нема ништо, иако градоначалничката Данела Арсовска, вербално секогаш повторува дека не се откажале од тој систем за јавен превоз, ќе мора да се задоволиме со поправените тротоари.

Се забележува и дека тие дупки што се гледаа под мостот, кои беа и повеќе од 30 см, не се гледаат повеќе, а ги нема ни каблите што висеа.

Дали се санирани или само скриени останува да почекаме доколку Град Скопје прати некакво соопштение за оваа санација.

Под мостот поминуваат важни цевки за топловод и главната за водовод.

Извор Независен

 

 

 

АКТУЕЛНО