Search
Search

Националната мрежа против насилство врз жени бара одговорност за службените лица и најстрога казна за убиецот од Кочани

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара одредување највисока казна за убиецот од Кочани кој со повеќе од 40 убоди со нож ја усмрти својата поранешна партнерка.

Анализата на Националната мрежа покажа дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.

Оттаму порачуваат дека алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот.

-Овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита. Со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство, посочуваат од Мрежата.

Додаваат дека бараат од Основното Јавно Обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а и при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство.

Бараат да се поведе постапка и за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на 3 жени. По спроведената постапка за утврдување на одговорност.

-Само преку воспоставување на функционален систем на заштита од насилство врз жени и семејно насилство, почитување на основниот принцип на Истанбулската Конвенција – Должно Внимание во неговата вистинска смисла, и соодветно казнување на сторителите може да превенираме идни случаи на родово базирано насилство, и фемицид како негова најекстремна форма. Дополнително, правосудните органи неопходно е да покажат поголема сензибилизираност и разбирање на проблемот и ваквиот вид на кривични дела, а со крајна цел: правилна квалификација на делата, соодветен третман на жртвите во самите постапки, како и построга казнена политика за насилниците, стои во реакцијата на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

 

АКТУЕЛНО