Search
Search

Ако се сакало, се можело- Како наеднаш светна зелениот покрив на ГТЦ

Зелениот покрив на ГТЦ денеска во подобро издание, фонтаната е во функција, убаво скроени зелени џбунови, чисти клупи и патеки, сите светилки во функција. Изненадувачки е што одеднаш блесна оваа површина за промоцијата на книга што се случи деновиве на зелениот покрив на најстариот трговски центар во државава.

Градска.мк објави текст и фотографии пред две недели кога немаше ваква идилична слика на зелената тераса, која беше отворена за посетителите на 29 ноември 2019 година, откако Град Скопје заедно со УНДП и ГТЦ уреди простор од 1.800 квадратни метри на кој беа насадени над 3.600 разни видови садници.

Градска.мк испрати и прашања до ГТЦ колку чини одржувањето но не добивме никакви одговори.

По уредувањето на просторот, зелената тераса навистина изгледа подобро, освен неколкуте полиња на големата шаховска табла што беа скршени, а фигурите ги немаше. Со враќањето на убавиот лик, забележавме како се фотографираат посетители пред водоскоците на чистата фонтана, а некои бегајќи од градскиот метеж и пеколното сонце, седнати на клупите, уживаа во природниот амбиент.

 

Зелената тераса на ГТЦ ги чинеше скопјани 550.000 евра.

Во Скопје има уште една ваква зелена оаза, тоа е на покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“, познат како Дом на градежниците, отворена во мај 2021 година, како и мини парк над трговскиот центар „Мавровка“.

С.Т.

АКТУЕЛНО