Search
Search

„Арапската куќа“ во Скопје – симбол на една голема љубов

За Скопје, неретко слушаме дека е град во кој се вклучуваат различни архитектонски стилови. Град, во кој и ден денес постојат објекти од минатото, кои се неми сведоци на богатата историја на градот.

Еден од таквите објекти е познатата „Арапска куќа“. Сместена во централното јадро на градот, опружена со бројни згради, сепак се издвојува по својата уникатна архитектура и впечатлива шарена фасада.

„Арапска куќа“ е дело на архитектот Иван Артемушкин. Ја изградил во периодот од 1936 до 1938 година на барање на ерменскиот текстилец Агор Дикиџијан, кој живеел во Скопје, во знак на љубов кон својата сакана Агавни.

Надворешноста на палатата била права сензација за граѓаните на Скопје, со шарени полуелиптични џамлаци, на два ката со балкони на столбовите, со кули наместо ќерамиди на покривот и со чудни шари на фасадата. 

Интернет сајтот „Марх“ посветен на промоција на македонската архитектура, во својот текст посветен на анализа на архитектурата на „Арапска куќа“, ја споредува со слични делови со неколку исламски објекти низ светот. Венецот во форма на падобран во горниот преден дел на куќата е архитектура од Каиро и Северна Африка (пример: Џамија Ал Азхар во Каиро, Египет). Прекршените лаци карактеристични за исламската архитектура ги има и џамијата во Ибн Тулум во Каиро, Египет, изградена во 884 година. Црвените хоризонтални ленти на жолта основа се наведува дека се земени како инспирација од Големата џамија во Кордоба.

Карактеристичните геометриски шари на „Арапска куќа“, често користени во исламската аритектура, ги има како шара на вратите од Мустафа пашината џамија во Скопје, изградена во 1492 година.

 

На влезот имало масивна железна врата со изгравирани иницијали од благороден метал „А.Д.“, бавча со водоскок и масивна орнаментирана ограда. 

Внатрешноста на палатата била со унгарски паркет со орнаментика, со жолто-зелени и црвени стакла, со црвени мермерни скали, со мермерни декорации од сини птици на скалите и во ходниците, со кристални лустери и со детаљи од слонова коска. 

Ерменецот Агоп Дикинџијан бил сопственик и на фабриката за шамии „Тулбенд“. Нејзин архитект бил рускиот емигрант Иван Артемушкин, кој се доселил во Скопје непосредно по Октомвриската револуција. 

По смртта на Агоп и неговата сопруга Агавни, во Арапската куќа живееле Рустем бег со својата сопруга, Русинката Натали.

Во 1964 година, „Арапската куќа“ била преуредена во хотел, наречен „Јадран“. 

Арапската куќа инаку е сведок за љубовната приказна меѓу Дикиџијан и убавата Агавни.

Палатата била градена специјално за неа. И палатата “Шкаперда” била градена како свадбен подарок за обожаваната Аглаица во 1932 година.

Македонска куќа била топол дом и љубовно гнездо на еден од најпознатите градоначалници на Скопје во 30-тите години, Јосип Михајловиќ, а потоа таа перманентно е разнебитувана и отуѓувана.

Арапската куќа, која денес не е во функција, еден период работеше како хотел „Јадран“, по кој ова градско подрачје го носи денешното име „Јадран сквер“.

Поради својата архитектонска особеност, „Арапската куќа“ е прогласена за историски споменик на културата, а нејзиното последно преуредување е направено во 1989 година.

Фото: Tripadvisor
 

АКТУЕЛНО