Арсовска и Славески водат „војна“ кој е во право, а граѓаните се „онесвестуваат“ на 40 степени чекајќи ги новите автобуси

По којнае кој пат пред советниците на Советот на Град Скопје се најде предлогот за набавка на нови еколошки автобуси, но овојпат видоизменет, без обврска за кредитно задолжување на Градот, туку со средства од градскиот буџет. Предлогот го достави и образложи градоначалничката Данела Арсовска која посочи дека дури по изјавата во медиумите на претседателот на Советот, Трајко Славески разбрала кој е проблемот поради кој две и пол години советниците не гласаат за набавка на нови автобуси, дека тоа било затоа што не биле предвидени средства во градскиот буџет.

Арсовска потсети дека поранешниот градоначалник Коце Трајановски набави 250 кинески автобуси со средства од Владата, а во мандатот на Петре Шилегов беа купени 33 автобуси со одлука на Советот за кредитно задолжување, за која тогаш гласале и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Таа нагласи дека како градоначалник нема интегеренции и не може сама да донесе одлука за набавка и дека тоа мораат да го направат советниците и на тој начин да ги решат проблемите на граѓаните со превозот.

„3-4 месеци пред завршувањето на 2023 година градоначалничката Арсовска имаше изјава во медиумите по 16-17-тиот неуспешен обид за изгласување одлука за задолжување за набавка на екоавтобуси, таа изјави дека во буџетот за 2024 година ќе бидат определени средства за набавка на екоавтобуси. Моето објаснување се заснова на тоа тврдење и затоа што немаше таков предлог во буџетот за 2024 година, останавме повторно на тие предлози“, истакна претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Тој продолжи и додаде:

„Прашањето е дали има средства предвидени во буџетот за таа намена затоа што вчера имавме комисија за ребалансот на буџетот и не беше известено дека има некоја промена што оди кон одвојување средства за набавка на автобуси“, вели Славески.

На прашањето на Славески дали има средства во градскиот буџетот за набавка нови автобуси, Арсовска одговори дека има колку да започне постапката и да се „откочи“ целиот процес – еден денар.

-Има еден денар во овогодишниот буџет, точно колку што е потребно за да може да се донесе оваа одлука. Оваа јавна набавка како што знаете не може да биде едногодишна, туку повеќегодишна, кога и да започне постапката за јавна набавка знаете дека таа ќе заврши за една година, па производството на автобусите ќе трае, значи пред 2026 не може да биде. Да цел еден денар има, за да отпочне постапката и да се одблокира процесот – рече Арсовска.

Притоа, таа повторно им предложи на советниците да формираат комисија која би ги утврдила условите за набавка, спецификацијата и сето друго што е потребно во процесот на набавка.

Предлог одлуката беше ставена на дневен ред, но таа не ја доби поддршката од мнозинството советници. Повторно за неа не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, без никаква дискусија и објаснување иако овојпат не се бараше кредитно задолжување.

Предложената одлука за набавка на нови автобуси беше прифатлива за 17 советници. За да добие „зелено светло“ за неа требаше да гласаат 23.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави