Search
Search

Бачовски: Со европски пари ќе се градат педесетина ресторани и хотели во рурални средини

Апликациите од првите повици од ИПАРД 3 (Инструментот за претпристапна помош за рурален развој) се евалуираат, а интересот е изненадувачки голем, пристигнале 1.160 апликации и тоа за трипати повеќе пари отколку што имало на располагање, вели Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој кој гостуваше во „Утрински печат“. Тој објасни дека кога се зборува за ИПАРД, не треба да се мисли само на пари за развој и модернизација на земјоделството, туку и за пари што ќе овозможат рурален развој, односно одржување на економската активност на малите места со под 30.000 жители. Според Бачовски, благодарение на транспарентноста, до населението веќе стигнала ваквата информација, па како интересен факт го издвои тоа што има 55 апликации за рурален туризам, што подразбира изградба на угостителски објект, на сместувачки објект, или комбинација од двете, често проследена и со придружи содржини како на пример спа-центар.

– Повикот заврши на 30 октомври, а стигнати се 1.160 апликации за кои сме позитивно изненадени. Буџетот што беше објавен за овие две мерки беше 30 милиони евра, а овие апликации побаруваат 96 милиони евра, што значи трипати повеќе од објавениот буџет. Во моментов се работи на евалуација на апликациите – вели Бачовски.

Бачовски гордо кажува дека Македонија е прва земја што почна со реализација на ИПАРД 3 програмата и укажа на тоа дека до крајот на годината ќе заврши имплементацијата на проектите од ИПАРД 2.

– Заврши последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата и до крајот на 2024 година треба сите оние што имаат договори, да ги реализираат своите инвестиции и Агенцијата да им ги исплати парите од кофинансирањето. Среќни сме што во меѓувреме почнавме со имплементација на ИПАРД 3 и ние сме прва земја што го почна тоа во однос на останатите кориснички на програмата, а тоа се Србија, Турција, Црна Гора и Албанија. На 1 септември објавивме две мерки, а повикот заврши на 30 октомври. Едната е Мерка за модернизација на земјоделски стопанства, каде што земјоделците главно се јавуваат со инвестиции во трактори, земјоделска механизација, нови системи за наводнување, опрема за фарми и друго. Другиот повик е за Мерката 7 – диверзификација на фарми и мали бизниси, каде што се јавуваат физички лица и микро и мали бизниси кои оперираат во рурални средини. Овде станува збор за инвестиции во опрема за пчеларство, опрема во непрехранбено производство, рурален туризам, изградба на старечки домови, изградба на приватни градинки, сите занаетчиски дејности во рурални средини. Еве, на пример, ако сакате да отворите автомеханичарска работилница во Долнени, или фабрика за пелети во Пехчево, ова е вистинската мерка – објасни Бачовски.

Буџетот што го имаме за ИПАРД 3 е 120 милиони евра, од кои 96 милиони евра се грант од Европската Унија.

– За среќа, во изминатите 5-6 години државата нема вратено ни евро назад кон Европската Унија, што значи дека сето она што е дадено за користење е искористено докрај и затоа буџетот за ИПАРД 2 беше 60 милиони евра, а сега имаме Буџетот од страна на Европската Унија од 96 милиони евра. Корисниците на сите мерки може да се стекнат со право на кофинансирање од 60 проценти, а може да се добијат 50 отсто од парите однапред – појасни директорот.

Каде најмногу грешат апликантите?

Тој детектира две тесни грла на кои треба да обрнат внимание апликантите, затоа што досега грешеле.

– На пример, за набавка на трактори, треба да дадете три понуди, но споредливи. Така, моќноста меѓу трите трактори може да биде плус-минус 5 коњски сили, потоа сите три трактори треба да бидат или со кабина или без кабина. Грешки има и кај земјоделци што имаат регистрирани одгледувачници за животни, потврдени од АХВ. Тие мора да имаат изготвени елаборати за заштита на животната средина, или поднесено барање за одобрување на тој елаборат, или потврда од општината дека за таков вид инвестиција нема потреба од таков елаборат, но често доаѓаат без ништо – вели Бачовски.

Тој вели дека советодавна помош за аплицирањето нуди Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, но дека има и приватни советодавни компании.

 

 

АКТУЕЛНО