Search
Search

Бектеши: Ако Бугарија ни наметне такса за гасот, ќе бараме отштета од ЕУ!

Македонија бара веднаш да бидат ослободени капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан, но и терминалите од Грција. Уцени во делот на начинот како Македонија ќе ги инвестира и диверзифицира своите извори на снабдување, не се прифатливи од никого, додаде Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши смирува дека Бугарија не може да воведе еднострана такса за рускиот гас што преку нејзината територија стигнува до соседните земји, вклучително и до нас. Уцени во делот на начинот како Македонија ќе ги инвестира и диверзифицира своите извори, не се прифатливи од никого, додаде Бектеши.

– Ако си мислат дека на ваков начин може да нè уценат, тоа нема да им помине и ние ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. И тука нема да има компромис. Во делот на ослободување на капацитетите, тоа се начела на либерализација што ги бара ЕУ. Не може таксата да важи само за една земја – рече Бектеши.

Регулативата што Бугарија ја усвои пред неколку денови и која веднаш стапи во сила, предвидува такса од 10,76 долари за 1.000 кубни метри руски природен гас испорачани преку територијата на таа земја со гасоводот „Балкански тек“. Со тоа, како што пишуваат бугарските медиуми, би се обезбедил приход од 1,3 милијарди евра и ќе се исплатат трошоците за изградба на тој гасовод низ Бугарија за една година. Српските власти веќе пресметаа дека ако тој зголемен данок се вметне во крајната цена за потрошувачите, поскапувањето на гасот би изнесувало околу 20 отсто, бидејќи веќе од 1 ноември е планирано да се зголеми за 10 отсто. Кај нас нема одговор дали и како оваа такса ќе влијае врз цената на тој енергенс.

Експертите од регионот велат дека воведувањето на транзитната такса е „страшна ситуација за цела Југоисточна Европа“, бидејќи со неа се прекршуваат сите пазарни правила. И министерот Бектеши се согласува дека да уцениш друга држава на ваков начин е неприфатливо и спротивно на начелата на работа на ЕУ. Бугарија треба да ги укине таксите, дециден е министерот.

– Во делот на гасоводот со Србија, не се закупени капацитетите од страна на „Гаспром“, а тоа Бугарија го знае. Србија и другите држави можат да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, Бугарите сами ги дадоа резервоарите во закуп на „Гаспром“ до 2030 година, освен последните што беа ослободени. Затоа бараме веднаш да бидат ослободени капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан, но и терминалите од Грција – реагираше Бектеши.

Според Бектеши, Македонија има право на ослободен капацитет на актуелниот гасовод што не поврзува со Бугарија и ќе бараме отштета доколку не условуваат. Министерот објасни дека Македонија има право да купува и гас од Азербејџан, како и од други извори, но во таа ситуација Бугарија бара уште еден гасовод од Македонија, која во моментов се снабдува само од едно место кај Крива Паланка.

– Бугарија има барање да имаме втор гасовод. Ние до крајот на годината ќе започнеме со изградба на вториот гасовод со Грција, што е приоритет и е целосно поддржан од страна на ЕБОР, ЕИБ и од нашите стратешки партнери – истакна министерот.

Ваквиот одговор на Бектеши доаѓа откако Србија и Унгарија гласно се спротивставија на бугарската одлука. Тие најавија дека ќе бараат заеднички одговор од Бугарија и од Европската Унија, а и министерот Бектеши вели дека се известени Европската енергетска заедница и ЕУ и дека ќе бараме да нè заштитат.
Пријателскиот договор меѓу нашите две земји предвидува поддршка од нашиот источен сосед како земја аспирант за ЕУ, што, пак, од друга страна се коси со воведувањето нови давачки, кои ќе значат дополнителни трошоци за македонските граѓани. „Гаспром“ дневно испорачува 41,8 милиони кубни гас за Европа преку Украина, преку гасната станица „Суја“ во руската област Курск. Транзитната линија низ Украина останува единствената рута за снабдување на земјите од Западна и Централна Европа со руски гас, бидејќи целосно е прекинато пумпањето низ Северен тек.

Бектеши: оваа зима нема да биде потешка од ланската
Оваа зима нема да биде потешка од ланската, со задршка дека глобално се случуваат работи што не одат во прилог на цените на енергенсите, смета министерот за економија.

– Ги зголемивме сите електро-капацитети, така што не гледам проблеми во делот на снабдувањето со струја, а што се однесува до цените на природниот гас и нафтените деривати, тоа не влијае од нашите одлуки бидејќи сме увозно зависна држава. Според движењата на берзата, така ќе ги носиме одлуките – објасни Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање дали македонските граѓани ги очекува потешка зима од минатата, со оглед на новото жариште на Блискиот Исток и по воениот конфликт во Украина.

 

АКТУЕЛНО