Вицепремиерот Битиќи истакна дека на овој важен документ, се работело долго и опсежно, со голем степен на инклузивност, каде особено важна улога им се дала на младите луѓе, затоа што според него, Националната стратегија е пред се за младите луѓе и идните генерации.
„На јавни дискусии се презентира првиот драфт на Националната развојна стратегија. Како што веќе споменав, после долг процес на консултации и мапирање на ресурси и приоритети, јасно се исцртаа шест стратешки области: Одржлива, иновативна и конкурента економија, Одржлив локален и регионален развој кој обебедува кохезија, Демографска ревитализација и социјален и културен развој, Владеење на правото и добро управување, Сигурно, безбедно и отпорно општество и шестата стратешка област е Зелена трансформација.
Секоја од овие области е детално разработена со главните точки за напредок и со тоа кои процеси се веќе започнати, што тие опфаќаат и што значат. Многу ни беше важно Националната развојна стратегија да не е изолиран документ, туку тој да е жив и во него да ги инкорпорира сите активни процеси во државата, и тоа е постигнато. Националната развојна стратегија е еден вид чадор над сите процеси во државата, но и глобални, како постигнувањето на глобалните цели за развој, евроинтегративните процеси, климатските промени и адаптација кон нив. Сметам дека имаме навистина зрел производ.
По последните консултации кои во моментов течат, Националната развојна стратегија ќе биде презентирана на владина седница, а потоа ќе треба да се изгласа и во Собранието што ќе значи нејзино усвојување. Во целиот овој процес Собранието имаше активна улога преку пратеничките групи и нивните претседатели и претседатели на комисии, вклучително и самиот претседател на Собранието кој вистински се залагаше за овој процес, па оттаму очекувам пратениците да ја изгласаат Националната развојна стратегија 2024 – 2044. “ порача Битиќи.