Фото - Социјални мрежи

Блинкен на средба со Османи: Завршивте исклучително добра работа, ја проширивте мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки

Благодарни сме на вашето претседавање со ОБСЕ во овој многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки.

Ова е пораката која вечерва ја испрати американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата во Скопје со шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

На средбата, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, биле истакнати заложбите на земјава за надминување на предизвиците со кои е соочена ОБСЕ, како и целокупната поддршка на САД во тој процес. Воедно, Блинкен и Османи заеднички ја поздравиле одлуката што се отвора патот Малта да биде иден претседавач на ОБСЕ, а со тоа се надминува кризата со која се соочуваше Организацијата.

Фото – Социјални мрежи

„Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ќе ја преземе палката“, рече Блинкен на средбата со Османи, пренесе ТВ Телма.

На средбата во македонското МНР, Блинкен ја изразил и силната поддршка на САД за евроатланската интеграција на Северна Македонија, посочувајќи дека земјава може да смета на САД како партнер.

Средбата со Ентони Блинкен од МНР велат оти е од историски карактер бидејќи, како што посочуваат, станува збор за прва посета на државен секретар на САД на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

Државниот секретар на САД пристигна во Скопје доцна попладнево по што имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски. Неговата посета се должи на Министерскиот состанок на ОБСЕ кој се одржува од денеска до петок.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави