Search
Search
фото/ Град Скопје

БРТ чека согласност од Советот: Арсовска се премисли, ќе се премислат ли и советниците од ВМРО-ДПМНЕ?

Откако градоначалничката Данела Арсовска соопшти дека ќе го реализира проектот за брз автобуски превоз на Скопје, по две години откако истото го направи нејзиниот претходник Петре Шилегов, денеска советниците во Советот на Град Скопје треба да дадат согласност за одлуката за склучување договор за имплементација на проектот БРТ. Со одлуката се предвидува да се даде согласност за склучување договор за имплементација на проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“, помеѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, но овој пат договорот треба да го потпише градоначалничката Арсовска.

Во образложението на предлог одлуката се вели дека на Скопје му е потребно воспоставување урбан концепт за организација на јавниот превоз на патници со надградување на сегашниот систем на јавен превоз.

Подобрувањето на квалитетот на јавниот превоз не е само дел од транспортната политика, туку и важно прашање од општествен аспект. Анализите покажуваат дека значаен дел од населението не поседува автомобил или возачка дозвола, а алтернативните начини за транспорт не се економични за подолги релации (велосипед или авто-такси превоз). Брзиот автобуски превоз (бас рапид транзит) може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, нудејќи високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност. Со користењето на овој превоз, жителите ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација (работно место, здравствени институции и сл.) навремено и удобно, при што ќе можат точно да го планираат своето време, а воедно и ќе се придонесе за намалување на загадувањето на животната средина – стои во образложението.

Како што се наведува со воведувањето на овој превоз треба да се намали сообраќајниот метеж, да се зголеми капацитетот на јавните паркиралишта, но и да се овозможи преадаптација на просторот наменет за моторен сообраќај во простор за пешаци и велосипеди на територијата на Град Скопје.

Државното Собрание уште во 2021 година го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по договор за заем за финансирање на проектот. Според овој Закон, државата склучи Договор за заем со ЕБОР и Проектен договор со Град Скопје. ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за реализација на проектот, пари кои две години „чекаат’ да започне реализацијата на проектот за БРТ.

Според член 6 од Законот, за регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за заем и Проектниот договор, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје потребно е да склучат Договор за имплементација – се наведува во образложението.

Како што се објаснува, во Договорот за имплементација на проектот се дефинираат меѓусебните права и обврски на субјектите за време на спроведувањето на проектот, а се со цел обезбедување на негова функционалност и одржливост. Времетраењето на договорот го опфаќа целиот период на имплементација на инвестицискиот проект вклучувајќи го периодот и на известување за дефектите.

Град Скопје е краен корисник на проектот и според Законот има обврска да го имплементира. Средствата од заемот во вкупен износ од 70 милиони евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) според условите утврдени во Договорот за заем ќе се пренесат на Град Скопје на основа на грант (неповратни средства) и ќе се користат исклучиво за финансирање на проектот. Со договорот се уредува начинот на воспоставување на единицата за имплементација на проектот, распределбата на обврските помеѓу субјектите како и начинот за негово изменување и дополнување – објаснуваат од Град Скопје во предложената одлука.

Советниците денеска ќе одлучат како ќе гласаат, особено откако Арсовска соопшти дека досега реализацијата била закочена затоа што во изминатите две години се отстранувале грешките во проектот. Но, притоа, до денеска не објасни за какви грешки станувало збор и што е сменето во проектот, за кој на почетокот на мандатот рече дека нема да го имплементира. Можеби објаснувањето ќе го даде на денешната седница пред советниците, доколку реши дека за ова прашање треба да присуствува на заседанието на Советот.
Неизвесно е дали проектот ќе добие поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се мнозинство во Советот, затоа што тие од почетокот се против воведување брз автобуски превоз во Скопје./СП/

АКТУЕЛНО