Search
Search

Цевките кои носат вода за скопјани се стари 60 години

Во оваа фаза се анализира состојбата на цевките во нивниот надземен и подземен дел во општина Гази Баба, откако претходно речиси два месеца се правеа испитувања во општина Ѓорче Петров.

Продолжуваат испитувањата на двата главни магистрални цевководи, со што после 60 години од нивната изградба треба да се утврди во каква состојба се, со оглед дека преку нив стигна водата до сите потрошувачи во Скопје. Започната е третата фаза од реализацијата на проектот за изработка на стратешката студија за магистралните водоводни цевководи.

Станува збор за двата главни магистрални цевководи, од кои едниот се протега по булеварот Партизански одреди, а другиот по булеварите Словенија и Босна и Херцеговина. Цевките се челични, со профил 1.600 милиметри, поставени се по земјотресот, односно нивната изградба е започната во 1964 година и оттогаш не се испитувани, па со оваа студија треба да се добие детална слика за состојбата, со што би се добиле насоки како да се постапи во иднина.

Водата во Скопје се произведува и дистрибуира од изворот Рашче, поточно од каптажите Рашче 1 и Рашче 2, од се доведува до корисниците преку овие челични цевководи со профил ф-1600 милиметри, кои по надвозниот пат за Ново Село се одвојуваат и едниот се протега по Партизанска кон центарот на градот, а другиот кон индустрискиот комплекс Железарница.

Од Град Скопје информираа дека е започната третата фаза од реализацијата на проектот за изработка на стратешката студија за магистралните водоводни цевководи.

Во третата фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Гази Баба, состојбата на објектите кои се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро машинска опрема, мостовска конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита – велат од Градот.

Претходно, втората фаза од реализацијата се одвиваше во општина Ѓорче Петров, каде речиси два месеца се анализираше состојбата на цевките во нивниот надземен и подземен дел, како и состојбата на објектите што се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро-машинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита.

Испитувањата на терен ги вршат експерти и професори од Машинскиот факултет, со цел да добиеме прецизна студија за магистралните водоводни цевководи кои се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје – информираат од Град Скопје.

Токму тоа што еден од главните цевководи се протега под булеварот Партизански одреди беше главниот аргумент на противниците на воведувањето на БРТ системот, односно на брзиот автобуски превоз, затоа што сметаа дека постои сериозна опасност во таков случај да настане оштетување на главната цевка на вода, со што би се загрозило водоснабдувањето на Скопје. Таков на почетокот на мандатот беше ставот на градоначалничката Данела Арсовска, но и на ВМРО-ДПМНЕ, но по две години Арсовска се премисли и најави дека БРТ-системот ќе се реализира, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ останаа на својот став и не ја изгласаа одлуката за БРТ во Скопје.

Инаку, решавањето на проблемот со водоводната мрежа беше еден од приоритетите на градоначалничката Арсовска во предизборниот период кога таа вети дека ќе се работи на оптимизација на водоснабдителниот систем, со што ќе овозможи заштеда на електрична енергија, вода, контрола на притисокот на мрежата што предизвикува чести дефекти и загуби на вода во системот.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО