Црната комедија „Бардо Тодор“ ќе се одигра премиерно во Могила и Новаци

 Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, изготвенa во продукција на „New Clаp“, а поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, премиерно, на 1 јуни ќе се одигра во општините Могила и Новаци.
Автор на претставата е Сашо Кокаланов, а режисер – Сашо Миленковски.
Кокаланов за претставата вели дека „Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец.
„Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодол“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“. Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција“, наведе авторот за претставата.
Тој истакна дека едночинката ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата.
„Притоа, ќе се обидеме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција – убиецот да се затвори, но притоа крајот да не се опустоши“, наведе Кокаланов.
Од „Еко-свест“ нагласија дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија од фосилни горива, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето.
„Струјата која доаѓа од јагленот е валкана енергија која ги труе луѓето и го загадува воздухот кој го дишеме, водата што ја пиеме и почвата каде садиме храна. Здравјето на луѓето кои живеат близу електраната е загрозено, но и здравјето на населението во целата држава. Постои начин да се направи етапна транзиција кон обновливи извори кои не загадуваат, без да се направи штета на економскиот развој на регионот, а локалните заедници се оние кои треба да ја започнат иницијативата за промена“ потенцираа од „Еко-свест“.
Оттаму нагласија дека се надеваат дека пораката што ја испраќа претставата ќе допре до граѓаните.
Претставата која на сатиричен начин носи силна порака ќе биде одиграна во општинскиот двор во Могила во 12:00 часот, додека жителите на Новаци во општинскиот двор ќе имат прилика да ја проследат во 18:00 часот. Оваа црна комедија е наменета за возрасната публика.
Претставата „Бардо Тодор“ на 10 јуни ќе биде прикажана и во Битола.
Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“

АКТУЕЛНО

Поврзани објави