Search
Search
Фото/Општина Чучер-Сандево

Дали сте го посетиле археолошкиот парк Бразда?

Археолошки парк Бразда се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора, во селото Бразда, кое спаѓа под Општина Чучер-Сандево. Оваа Археолошка локација спаѓа под локалитетот Градиште. Од центарот на Скопје е оддалечено точно 15 км. Овој локалитет денес служи како туристичка атракција на село Бразда и го прави селото попривлечно за туристи. Пронаоѓањето на ова место е многу лесно. Се наоѓа веднаш до главниот пат кој води од село Бразда кон Стенковец, на левата страна од патот. На самиот пат има и табла, која ви укажува од каде почнува патеката до местово. Местото е означено и нема да можете да се изгубите. Од патот до паркот има 50 метри пешачење по добра и живописна патека.

Фото/Општина Чучер-Сандево

Ова место со години беше запуштено и несредено, а денес местото е средено со клупи, корпи за отпадоци и информативни табли. Во паркот има и вработени лица, па доколку ве интересираат повеќе информации, можат да ви ги кажат, стои во објавата на Општина-Чучер Сандево.

Фото/Општина Чучер-Сандево

Ова е првиот археолошки парк кој е отворен во Македонија. Покрај овој локалитет паркот поминува Бањанска река.

Според археолошките истражувања кои започнале во 1985 година, тука е утврдено дека постоела населба која била изградена во 5-4 век п.н.е. во железното, рано античкото и доцноантичкото време.

Фото/Општина Чучер-Сандево

Станува збор за владетелска гробница, откриена во 1986 година, која ја изградиле Агријаните, кои биле најсеверната пајонско племе. Живееле на територијата од денешно Тетово до источните падини на планината Пирин.

Ѕидовите на гробницата се градени со обработени травертински камени блокови со различни димензии, кои биле донесени од мегданот кај селото Горно Свиларе и тежеле од 500кг. до 1.500кг. Гробницата е длабоко вкопана во земја и е со правоаголна форма и има влез со шест скали на јужната страна.

Фото/Општина Чучер-Сандево

Во гробницата не биле пронајдени никакви наоди, па се претпоставува дека била ограбена во времето на антиката и биле ископани и подните плочки. Оваа гробница се спојува со тунели кои сеуште не се истражени. Локалитетот Градиште има уште многу работи и тајни кои стојат закопани и чекаат да се откријат. Ридот над гробницата е под заштита на Министерство на Култура, а гробницата е прогласена за споменик на културата. Артефактите што се пронајдени на ова место денес се наоѓаат во музејот во Скопје.

Фото/Општина Чучер-Сандево

Според жителите на село Стајковци, во нивните ниви често наоѓаат од истите камења што се употребени за изградба на гробницата, па некои од пронајдените камења, жителите си ги користат за лична употреба.

Н.Ш

 

АКТУЕЛНО