Search
Search

Даут пашиниот амам, ремек делото на Скопје

Даут пашиниот амам се наоѓа на левиот брег на реката Вардар, во непосредна близина на Камениот мост. Изграден е во втората половина на 15 век од Даут паша, кој заземал високи функции во Османлиската држава. Точната година на градењето не е позната. Не е зачуван ниту записот кој бил поставен по неговото завршување. Се претставува дека бил изграден во периодот помеѓу 1468 година кога тој е поставен како румелиски беглербег и 1497 година, период кога тој бил сменет од функцијата голем везир на Румелија. Амамот е од типот на двојните „Чифте амами„. По своите димензии и уметнички вредности претставува ремек дело на монументалната исламска профана архитектура.  

Поставен е во правецот исток- запад, во него се сместени дванаесет простории. Функционално, амамот по должина е поделен во два дела – машки и женски. Во машкиот дел се влегува од западната страна, од улицата која од камениот мост води чаршијата , а влезот во женскиот дел бил скриен и се наоѓало во споредната улица од северната страна на објектот.

Резервоарот и ложиштето  се заеднички и се наоѓале на источната страна. И овој амам, како и останатите, бил граден така да има простории за соблекување, топли простории за капење, ѓобек-таш.

Објектот е покриен со поголем број куполи со разни големини кои пленат во својата несиметрична но сосема складна и ритмичка диспозиција. Богатата декорација од сталактитни орнаменти е застапена во премините под куполите и во халветите. Во дел од простотиите фрагментарно по должината на ѕидовите е сочувана декорација во вид на фриз со претстави од стилизирани цветови, предадени во плиток рељеф.

Не се знае кога амамот престанал да функсионира како амам. Елементите што биле во негова функција -курни, шадрван, мермерни плочи, денес не се сочувани и истите веројатно се разнесени по престанокот на неговата функција. Со сигурност можеме да претпоставиме дека амамот како другите објекти во Скопје бил многу оштетуван во војните.

Извор на информаициите:Управа за заштита на културното наследство

Фото:Управа за заштита на културното наследство

Н.Ш

АКТУЕЛНО