Search
Search

Десет виртуелни финалисти се борат за „Мис вештачка интелигенција“

Избрани се првите десет финалисти за Наградата за креатори на вештачка интелигенција, чии вештачки генерирани слики и инфлуенсери се натпреваруваат за првото место и 20.000 долари, пишува „Еуроњус“.

„Мис вештачка интелигенција“ има цел да претстави „промена во перцепцијата за убавината и креативноста во рамките на развојот на вештачката интелигенција“ со поканување на креатори од различни делови на светот кои ќе ги претстават своите дигитални вештини, преку создавање ликови на виртуелни жени.
 
На натпреварот преку платформата посветена на креатори на содржини за социјалните мрежи „Фенвју ворлд“се пријавија повеќе од 1.500 учесници, а десет финалисти беа избрани врз основа на гласовите на жирито.

„Наградите покажуваат колку се ангажирани креаторите во сферата на вештачката интелигенција, а потесниот избор е неверојатен“, вели Вил Монанж, еден од основачите на „Фенвју“, моментално водечката социјална платформа за креатори на содржина базирана на вештачка интелигенција.

Како дел од церемонијата на доделување, до крајот на овој месец ќе бидат објавени мисиците направени со вештачка интелигенција во три категории:

– Изглед: „Класичните аспекти на натпреварот, кои вклучуваат убавина, поза и уникатни одговори на низа прашања“.
– Употреба на алатки за вештачка интелигенција: „Вештина и имплементација на користени алатки за вештачка интелигенција, вклучувајќи визуелни детали околу очите и рацете“.
– Успех на социјалните мрежи: „Врз основа на нивниот однос со следбениците, стапката на раст на публиката и користењето на други платформи, како што е Инстаграм“.

Во продолжение погледнете ги десетте финалисти на ова необично натпреварување:

Кенза Лајли (Мароко)

Фото: Instagram / kenza.layli

Со повеќе од 190.000 следбеници на социјалните мрежи, Кенза Лајли брзо стана истакната личност на интернет.

„Нејзината интересна содржина е тесно поврзана со мароканското општество. Нејзината цел е да придонесе за зајакнување на жените во Мароко и на Блискиот Исток и да придонесе за регулирање на пазарот на инфлуенсери“, велат авторите.

Ајлија Лу (Бразил)

Фото: Instagram / ailyalou

Ајлија е уметник со јапонско, африканско и бразилско потекло, создадена за потребите на серија филмски проекти во кои ќе биде актерка. Нејзиниот начин на живот е поврзан со бразилската култура помеѓу Рио де Жанеиро, Баија и Сао Паоло, но исто така е инспириран од африканското и јапонското наследство.

Оливија Си (Португалија)

Фото: Instagram / oliviaislivinghigh

„Патник направен со вештачка интелигенција во големиот реален свет, Оливија го отвора патот кон иднината каде дигиталниот и човечкиот свет коегзистираат во прекрасна хармонија“, велат креаторите на оваа убавица.

Таа им го презентира позитивниот потенцијал на вештачката интелигенција на нејзините следбеници, кои ги има повеќе од 10.000 на Инстаграм, демонстрирајќи како технологијата може да го подобри човечкото искуство, но не и да го замени.

Ана Керди (Франција)

Фото: Instagram / annekerdi

Примарната цел на Ана е да го промовира францускиот регион Бретања во што е можно повеќе аспекти: туризам, историја, култура, настани, гастрономија… Нејзините креатори сакаат да ја демократизираат употребата на вештачката интелигенција покажувајќи ги нејзините способности во однос на визуелните претстави, текст, аудио и видео.

Зара Шатавари (Индија)

Фото: Instagram / zarashatavari

Зара Шатавари е создадена како лице за промовирање на додатокот на исхрана „Хермони“, наменет за третман на хормонална нерамнотежа кај жените.

„Водени од желбата да се користи технологијата за доброто на човештвото, креаторите користеа вештачка интелигенција и Зара за да произведат изобилство на информативна содржина за причините и последиците од хормоналната нерамнотежа“, наведуваат финалистите во нивниот опис.

Аијана Реинбоу (Романија)

Фото: Instagram / aiyana_rainbow

Аијана промовира прифаќање на ЛГБТК заедницата, љубов и различност. Таа е олицетворение на инклузијата и се бори за еднаквост и разбирање. Се залага за свет каде што секој глас се слуша и се цени, поттикнувајќи емпатија и почит кон сите.

Лалина (Франција)

Фото: Instagram / viva_lalina

Креаторите на Лалина сакаат да откријат дали можат да создадат нешто што е можно пореално и постепено да ја развиваат својата уметничка визија. Тие велат дека стојат зад нивното создавање 100 отсто и сакаат да ја заштитат нивната интелектуална сопственост. Лалина е создадена за да промовира разбирање помеѓу различните култури и гледишта, а планот е да го искористи нејзиното влијание за да поттикне емпатија, толеранција и инклузија.

Серен Ај (Турција)

Фото: Instagram / ai.serenay

Серен Ај е првата амбасадорка на брендот за вештачка интелигенција во Турција и нејзините креатори користеле три програми за вештачка интелигенција за да го создадат нејзиниот лик, за да може да презентира различни изрази на лицето. Ја претставија во различни улоги, во кои традиционално има повеќе мажи, но и во различни епохи, за да ги научат следбениците за историјата и значењето на турските национални празници.

Асена Илик (Турција)

Фото: Instagram / aisenailik

„Целта на Асена е да му покаже на светот дека моделот може да биде инфлуенсер со помош на имагинација, неверојатни визуелни елементи и чувство за забава, а не со продавање секс“, велат нејзините креатори.

Елиза Кан (Бангладеш)

Фото: Instagram / elizavaloo

Елиза Кан е една од првите инфлуенсерки со вештачка интелигенција во Бангладеш. Нејзините креатори тврдат дека сакале да ја направат колку што е можно повеќе слична на обичните луѓе и што е можно пореална. Таа е љубител на модата и ги следи трендовите и естетиката на генерацијата Зед. Сонот на Елиза е светот да стане место каде што секој ќе се чувствува ценет и почитуван, промовирајќи поинклузивно и похармонично општество.

АКТУЕЛНО