Search
Search

ДКСК откри непријавен имот кај Фатмир Арифи, директор на Државниот инспекторат за градежништво, следува кривична пријава

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) следејќи ја имотната состојба на Фатмир Арифи, директор на Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам откри непријавен имот и поради тоа ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство за негово кривично гонење како и до Владата која го именуваше Арифи, за негово разрешување.

Имено, ДКСК следејќи ги податоците добиени од Агенција за катастар на недвижности, УЈП, МВР и со увид во Централен регистар, како и во податоците од банки за Арифи и членовите на неговото потесно семејство со кои живее во домаќинство, утврди дека во Анкетниот лист во ДКСК директорот не пријавил два стана и автомобил „форд мондео“ кои се заведени на негово име.

-По анализата ДКСК констатираше разлики во анкетниот лист на Арифи и имотните листови добиени од катастар како и од МВР во однос на сопственоста на возило. Утврдено е дека не е пријавен стан на ул. Крсте Асенов во Чаир, како и на недвижен имот на ул. Гемиџиска во Железара, и сопственост на возило „форд мондео“ купено во 2021 за сума од 18.000 евра. ДКСК со записник констатираше прекршок со ненаведениот имот во Анкетниот лист за кој Арифи ја плати глобата по прекршочниот платен налог, реферираше претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Таа извести дека на 10 август годинава директорот Арифи бил повикан на разговор во Комисијата во врска со констатираните разлика во анкетен листа и тој ги известил дека се занимава и со продажба на автомобили, а едниот стан го стекнал со размена на автомобил за стан, а доставил и купопродажни договори за недвижен имот, но тие не се однесувале на конкретните недвижности кои ги истражуваше Антикорупциската комисија и за кои утврди дека директорот не ги навел во анкетниот лист за имотната состојба.

-ДКСК констатира дека именуваниот функционер освен редовни примања не остварува други приходи, а за станот во Чаир и за оној во Железара не се докажа дека е стекнат од редовни примања кои се пријавени и оданачени па согласно член 359а од Кривичниот Законик до ОЈО ќе доставиме иницијатива за кривично гонење на Арифи. Исто така до органот кој го именуваше, односно до Владата ќе доставиме иницијатива за одговорност и негово разрешување зошто не може директор на Државниот инспекторат за градежништво да стекнува имот по пат на бесправно градење објекти, не е во ред, рече Ивановска

АКТУЕЛНО