Search
Search

Дојде ли време да се либерализира железничкиот сообраќај?

Македонски железници мака мачи да обезбеди возови кои би сообраќале на редовните релации. Голем дел од патничките линии се укинати и граѓаните речиси и да останаа без патнички превоз.

Во собраниска процедура се најде законот за либерализација на железничкиот сообраќај. Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем и одлучи да го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Според професорите од сообраќајниот факултет во Битола, либерализацијата би го размрдало железничкиот сообраќај, но тие не се убедени дали воопшто ќе се јават оператори за превоз на патници, поради лошата инфраструктура и засега немањето стратегија за субвенција на овој тип на превоз. Доколку се либерализира само товарниот транспорт, тие се убедени дека во моментов нема потреба од такво нешто, бидејќи МЖ транспорт засега има вагони за транспорт. Единствен проблем го гледаат во застарените машини или популарни локомотиви кои можат да го извршат превозот.

Истото мислење го дели и Игор Коруноски, вработен во секторот транспорт.

„Нови оператори ќе се појават само во товарниот транспорт, бидејќи таму се приходите, патничкиот транспорт засега не е интересен за операторите, така да патниците нема да видат некој бенефит од овој процес. Ако не се подготват претпријатијата, приходите посебно во делот на товарниот транспорт сериозно ќе се намалат, а тоа ќе значи дополнителни финансиски проблеми и отпуштања од работа“ вели Коруноски.

Според Коруноски, никој не е против конкуренција, а тој дури и вели дека конкуренцијата е здрава работа и треба да ја има.

„Но, имаше доволно време да се посвети внимание на железниците, да се преземат чекори и реформи за да истите бидат спремни за конкуренција. Отворањето на пазарот во железничкиот транспорт носи предности, но носи и сериозни предизвици и ризици. Либерализацијата треба да придонесе за подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт, но и зајакнување на конкуренцијата. Тоа ќе значи силнаконкуренција за единствениот железнички оператор МЖ Транспорт АД, но и сериозни обврски за управителот со железничка инфраструктура ЈП МЖ Инфраструктура“, завршува Коруноски.

Според искуствата кои ни ги презентираа од Европската федерација на железници, европските практики, таму каде што е либерализиран пазарот, велат дека тоа е најчесто со товарниот сообраќај, а патничкиот останува во сопственост на државата бидејќи тој е секогаш субвенциониран.

Но, за да може да функционира обврската според европските регулативи, Македонија мора да ги изгради пругите, мора да го подготви јавното претпријатие да биде лидер за да може да привлече здрава конкуренција.

Во спротивно, разговорот со претставници од Европската федерација на железници, тие изразуваат сомнеж за можни коруптивни зделки.

АКТУЕЛНО