Search
Search

Драган Цветковиќ е добитник на повелбата „Долина на кралевите, вековите и јоргованите“

Претседателот на Комората на органски производители, основач на здружението „Живот“ и сопственик на компанијата „Адур ГВН“, Драган Цветковиќ е добитник на повелбата „Долина на кралевите, вековите и јоргованите“, која традиционално се доделува на Меѓународната агробизнис конференција одржана во февруари во Копаоник, Република Србија. Ова е прва награда за македонски претставник, која му е доделена на Цветковиќ како признание за придонесот во подобрување на конкурентноста и зголемување на пазарната валоризација на органските производи и услуги.

Цветковиќ ја добил наградата за неговиот ангажман за продлабочување на врските помеѓу деловниот сектор и научната заедница, што влијае позитивно во областите на агробизнисот. Тој е еден од сеумте добитници на меѓународната конференција.

-Конференцијата има два дела за презентација на научни трудови и вториот дел за награди за поединци од областа на агробизнисот и науката. Членови се и нашите факултети од Скопје, Штип и Битола, имаше трудови од наши научници, а ние од бизнис секторот кои даваме придонес за развојот на односите учествуваме во работни групи и панел дискусии. Оваа се издвојува по начинот на бодување, номинирање на добитниците, по што стручниот одбор ги оценува кандидатите. Чест ми е што ја добив престижната награда, изјави Цветковиќ.

Централна тема на годинешната 11-та „МАК 2024“ била „Храна на иднината – визија на Србија, регионот и Југоисточна Европа“. На конференцијата присуствувале претставници од 15 земји. Покрај здружението „Живот“, на конференцијата учествувале и други здруженија од Куманово, Скопје, Прилеп, факултети, Комората на органски производители на Македонија.

– Искуствата се непроценливи. Едноставно увидовме колку е напредната технологијата, примената на вештачката интелигенција, начинот на размислување, користење на современата технологија при спроведување на бизнис идеи, рече Цветковиќ.

Меѓународната научна агробизнис конференција МАК 2024 е настан во област на агробизнисот и има клучна улога во градење на платформа за истражувачите, стручните лица и стопанствениците, со цел да се запознаат и разменат искуства, знаења од област на науката и праксата, научно-истражувачките резултати кои претставуваат перспектива за развој на соработка во оваа област.Конференцијата беше организирана од Научниот бизнис центар „WORLD“ од Краљево во соработка со Институтот за заштита на билки и животна средина од Белград и Центарот за истражување, наука, образование и посредување „CINEP“ од Белград. Соорганизатори на Меѓународната агробизнис конференција „МАК 2024“ се престижни факултети од Србија и странство.

 

АКТУЕЛНО