Државна матура или државна тортура?

Соња Танеска

Денеска беа објавени резултатите од државната матура, испити од чии оценки зависи иднината на секој средношколец, но како што е редот во оваа чудесна земја ирелевантно е тоа што начинот на спроведување и оценување е тотално хаотичен, повторно главен фокус и главна фалба на Државниот испитен центар е дека фатиле 268 препишувачи кои замислете и покрај „строгите контроли“ успеале да внесат мобилен телефон. Да не се разбереме погрешно тие секако треба да понесат одговорност, односно ќе треба одново да полагаат, но замислете професорите-тестатори на кои ова им се случил пропустот, нема да добијат никаква казна бидејќи тоа не го пропишува законот. Секако главна реформа за догодина ќе бидат блокатори на мобилни телефони. Инаку не е лоша идеја да се полага онлајн, на пример, не од дома секако, туку во соодветни рпостории. Нели е попрактично, побрзо и посовремено?

И сега повторно се соочуваме со многу прашање и не знаеме дали имало и други вакви препишувачи, а имало, особено во градовите надвор од Скопје, со чест на исклучоци, не знаме дали истите „случајно“ или „намерно“  не биле фатени, а исто така не разбравме и како тестот по македонски јазик се најде во група со 7.000 ученици откако почна тестот и како заврши таа приказна. Сепак ставот на директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска, а и на новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска, која за сите проблеми вели ќе видиме, ќе направиме, ќе обезбедиме ( тоа секогаш во оваа земја се прифаќа со сомнеж)  на  денешниот прес соопштија  дека ова е успешна матура со просечна оценка 3,25 и е пониска пониска од таа од минатата година бидејќи мерките што ги спровеле дале резултати. Но добро, не мора се да има логика во оваа држава, сакам да кажам да имаше добри мерки немаше 268 ученици да внесат телефон, но нејсе и успехот е релативна работа.

Второ и најаважно но и најспорно во целата оваа приказна, наречена државна матура е оценувањето и фамозните перценти, а тоа по дефиниција е статистичка мерка што покажува за колку проценти една вредност отстапува од групниот просек, а врз основа на тој перцентилен ранг се добиваат оценки, кои на пример за  четворка се движат од 53 перценти до 91 перцент по македонски јазик.

Фото Градска.мк
Фото Градска.мк
Фото Градска.мк

 

Фото Градска.мк

За Германски јазик на пример учениците имаат петка и со 60 перценти, математика имаат петка и со 83 перценти додека пак англиски јазик има петка и со 89 перценти.

На овој линк има Правилник и Концепција, каде исто така е тотално нејасен начинот на оценување.

Ова секако зависело од тежината на тестот и од многу други параметри кои ги одредува стручната комисија, ама не знаеме кој е дел од таа стручна комисија. Исто така никаде транспарентно не е објавено како е пресметан групниот просек, која е бодовната листа врз која се пресметува тој групен просег за оценки од 2 до 5, зошто зависи од бројот на ученици, зошто е ускратено правото на секој ученик да си го види тестот итн.

Ќе се вратам на денешната прес конференција, на прашањето на овие недоумици за формирање на перцентилниот ранг, Михајлоска посочи дека тие ги одредува стручната комисија, а го објасни и ова, што искрено не сум сигурна дека баш дава реално оценување на тие што ги полагале испитите бидејќи принципот на изведување е поприлично субјективен.

-Ако некој тест носи 100 бода и е определено од 81 до 100 бода да се за 5, од 61 до 80 бода да се за 4 итн. Може да се случи 81 до 100 бода да имаат само 10% од учениците. Од 61 до 80 бода да имаат 40% од учениците. Во тој случај, оние со 5ка (81 до 100 бода) се подобри од 90% од учениците што положиле и имаат перцентилен ранг од 90,1 до 99,9. Оние што добиле 4ка се подобри од 50% од учениците (со 3ка или 2ка) и полоши од 10% од учениците. Тоа значи дека нивниот перцентилен ранг ќе се движи од 50,1 до 90. Перцентил 50,1 ќе имаат оние со 61 бод, перцентил 90 ќе имаат оние со 80 бода, вели таа.
 
Веројатно никогаш нема да дознаеме како се пресметува сето ова, бидејќи ќе треба да изодиме трнлив пат за да дојдеме до тестот, кој требаше да биде таен, а резултатите со шифра, но ете сите списоци се објавени со име и презиме, секако и татково име.
 
Како тајните шифри се претворија во имиња не знам, можеби и затоа пренапорно ќе било ако секој си го барал тестот да го види, што е основно демократско право, а ние секако многу го сакаме Уставот и законите, во секоја втора реченица ни се, ама никој не ги применува, за жал.
 
И не е дека младите не учат и не ги бива, бидејќи секогаш целиот товар паѓа на нив, туку ваквиот систем ги убива. Замислете полагаат приемен надвор од државата и резултатот го добиваат на меил, или пак на платформа каде има увид во тестот бидејќи сме 2024  година, во време на вештачка интелигенција, а тие треба да поднесат приговор на хартија, со архивски број, со уплатница од 2.500 денари по предмет и да чекаат кога ДИЦ ќе биде расположен да го видат тестот, ако ги викне, бидејќи некогаш тие сами проценувале дека губење време е приговорот.
 
Па дали сме нормални! Луѓето во светот се качија на Месечината и тоа не само Американците!
 
И сега матурантите или нашите идни академски граѓани  имаат два предизвици, да поднесат приговор кој чини 2.500 денари по предмет и да го пропуштат уписниот рок за да се запишат на факултетите во странство и втората опција е да не поднесат приговор и да ја изгубат можноста, односно да потпишат изјава дека се откажуваат од таа можност и да ја земат дипломата за да пробаат да конкурираш на некој од странските универзитети, каде матура или приемен имаат веќе одамна положено, а апликацијата ја чека само македонската скапоцена диплома која се „присилени“ да ја земат иако знаат дека не е исправна оценката.
 
За волја на вистината од странската земја те советуваат да си ја земеш, бидејќи на пример според нив скопската четворка, веќе научиле и тие, била подобра од било која петка од друг град. Тоа е голем пораз за државата. И странските универзитети се свесни како се спроведува  матурата во земјава и колку субјективно се оценува.
 
Тие пак што ќе останат во Македонија, ќе мораат да фатат триста кривини за да го студираат тоа што го сакаат и за кое се способни, но нивното место го зафатиле „last minute“ петкаши. тоа значи запиши се во Штип, па префрли се во Струга, па дојди во Скопје. 
 
Успешна лекција која функционира во лоши системи, снајди се и научи како се прави измама, вежбај корупција и не кревај глас оти може и полошо да биде.
 
Тоа е резултатот на државната матура, пардон тортура.
 
И ова нема врска со партиите, деградацијата на образованието, правилниците, т.н критериуми и други глупости почна многу одамна, наставниците и професорите молчеа и само спроведуваа. Никогаш не се спротивставиле на лоши реформи кои се на штета на учениците, секогаш работеле за личен интерес , со чест на исклучоци кои не го прават мнозинството, а за реформа треба да постои единство и желба.
 
 
 
 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави