Search
Search

Дувалките за лисја непречено ќе бучат и креваат прашина низ Карпош, не се ограничи нивната употреба

Дувалките со кои општинските комуналци ги чистат лисјата од зелените површини и понатаму ќе бучат, ќе креваат прашина и ќе загадуваат низ Карпош. Мнозинството советници во општинскиот совет немаа слух за проблемите со кои граѓаните се соочуваат уште во раните утрински часови во текот на есента и на што реагираат со години.

Советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ ова прашање го поставија на дневен ред на седница на Советот и побараа ограничување на употребата на дувалките.

Да не се користат поблиску од 300 метри од објекти за домување и од деловни објекти и на места за спорт и рекреација од 8 до 20 часот. И работниците да носат заштитни маски и очила кога ќе ги употребуваат дувалките – го објасни предлогот независната советничката Невена Георгиевска.

Одлуката не се изгласала, со образложение дека дувалките биле потребни, не загадувале односно дека загадувањето било минимално и притоа со нив се заменувале 5-6 работници со гребла. За ограничување на нивната употреба, покрај независните советнички, гласале и шест советници од ВМРО-ДПМНЕ.

Карпошани се разочарани и реагираат за она што се случило на вчерашната седница. Велат дека во општината никој не се грижи што со нивните дувалки им го пореметуваат животот на луѓето и се жалат дека со нив лисјата се дуваат кон балконите и терасите на зградите, наместо во обратна насока. Тие посочуваат дека општинарите можеле да набават модели како правосмукалки со кои ќе ги вшмукуваат лисјата и нема да креваат прашина, ниту ќе ги оставаат купиштата собрани лисја по тревите несобрани ветрот повторно да ги раздува, за потоа одново да ги земат в раце дувалките. Дел од граѓаните пак се децидни дека едноставно овие апарати не се соодветни за Скопје каде тревите и улиците се преполни со прашина.

Дувалките за лисја се злостор. Цело ѓубре го креваат од земја во воздух. Дополнително загадуваат со горивото што го користат. Неподносливата бучава е гратис. Како да не може да се измете, вшмука, измие со вода, собере со гребло. Еден час бучава за работа што рачно можат да се заврши за десетина митути со гребло – се вели во еден од коментарите на жител од Карпош.

Граѓаните се жалат и дека дувалките се употребуваат и во периодот кога децата одат на училиште и дека поради тоа непотребно „голтаат“ прашина.

Но, и покрај реакциите работите после вчерашната седница уште долго ќе останат непроменети. Проблемите на граѓаните, не само од Карпош, туку од цело Скопје нема кој или никој не сака да ги слушне иако сите велат дека работат за нивните интереси. /СП/

 

АКТУЕЛНО