Search
Search

Две жени пренесени на Токсикологија – излегле на балкон и вдишале чад од пожарот во Универзалната сала

„Поради пожарот, екипи на ЕВН го прекинале снабдувањето на електричната енергија во целата околина на салата. Во лифт во зграда на улицата ‘Петар Поп Арсов’ имало заглавени две жени, кои биле извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција“, велат од МВР
Поради вдишување чад од пожарот кој утрово изби во Универзалната сала во Скопје, две жени со возило на Итната медицинска помош биле однесени на Клиниката за токсикологија. Ова денеска го соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што информираат дека околу 9:45 во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала, а по добиената пријава, како што велат оттаму, на местото на настанот се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарната заштита.

Од МВР велат дека пожарникарите околу 11:30 часот го изгаснале пожарот.

„Со возило на Итната медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување чад“, се вели во соопштението.

Оттаму велат и дека поради пожарот екипи на ЕВН го прекинале снабдувањето на електричната енергија во целата околина на салата.

„Во лифт во зграда на улицата ‘Петар Поп Арсов’ имало заглавени две жени, кои биле извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција“, велат од МВР.

Докторот од Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски вели дека нема класично повредени од пожарот во Универзална, туку дека на Токсикологија се примени само две женски лица на средни години кои, како што рече, имале мала изложеност на гасови.

„Во моментот на настанот излегле до балконот накратко и ја отвориле вратата. Станува збор за мала количество гас што го вдишале. Лицата се добри, по неколкучасовна опсервација ќе бидат пуштени дома“, рече Беќаровски.

Засега не се знаат причините за пожарот во Универзална, дополнително ќе ги утврдува полицијата, вели командирот на скопската пожарна

Командирот на скопската противпожарна бригада Звонко Томески во изјава за медиумите рече дека причините за избувнувањето на пожарот во Универзалната сала сè уште не се познати, а нив дополнително ќе ги утврдат полициските екипи.

„Она што е важно за нас е дека интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓани“, вели командирот на скопската противпожарна бригада.

Во гаснењето на пожарот, како што дополни, учествувале вкупно 24 пожарникари со девет противпожарни возила.

МВР соопшти дека тројца градежни работници се приведени, кои во моментот на пожарот извршувале работни задачи во објектот на Универзалната сала.

Утрово некаде по 9 часот избувна пожар во Универзалната сала во Скопје. Откако пожарникарски екипи интервенираа, беше локализиран два часа по избувнувањето.

Поради отежнатиот пристап кон објектот, пламените јазици ги гаснеа пожарникари со помош на кран. Како што објави ЦУК, гореше една од куполите на Универзалната сала.

АКТУЕЛНО